Откако ги загубивме шансите за повисок пласман од “нашето“ 5 место претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Харалампие Хаџи-Ристески побара од репрезентативците да играат за националниот дрес без никаква надокнада за тоа. Во преостанатите 3 натпревари ние играме со Андора, Хрватска и со Израел, а првиот човек во мак фудбалот Хаџи-Ристески смета дека нема потреба дополнително да се мотивираат фудбалерите.
За каков чекор ке се одлучи ќе се знае по средбата “очи в очи“ што ке ја има со фудбалерите пред мечот со Андора . Според сегашниот правилник за наградување, фудбалерите добиваа по 3.000 евра за победа и по 1.500 евра за реми било на домашен или на гостински терен. Во правилникот има клаузула, која фудбалерите сами ја побарале, а тоа е да нема премии за нерешен резултат на домашен терен со Андора, Естонија и со Израел. Македонските репрезентативци се офајдија само на стартот кога имаа одлична серија со победата над Естонија, ремито на „Олд трафорд“ со Англија и триумфот над Андора, фудбалерите добија по 9.000 евра, импресиониран од добриот настап во Манчестер, Хаџи-Ристески на своја рака им ја дуплира наградата за тој натпревар. Претходно играчите што играа на летните пријателски натпревари против Турција и Еквадор добија по 2.000 евра награда за победите.
Најбогатата спортска федерација во земјва,ФФМ, сето ова ја чинеше отприлка околу 300.000 евра, а ако се знае дека годишниот договор со Катанец е 120.000 евра, плус дополнителните трошоци, А-тимот „потрошил“ околу половина милион евра, за само осум бода освоени во квалификацискиот циклус.
И покрај желбата на македонскиот фудбалски селектор Сречко Катанец да го избегне проклетството наречено Градски понудените опции Прилеп односно Струмица не ги задоволиле истенчените вкусови на словенецот,па натпреварот ќе се игра на теренот во Скопје, каде што репрезентацијата нема победа повеќе од 3 години. Тревникот во Прилеп не ги поминал последните контроли,додека во Струмица проблем се сместувачките капацитети .Преседателот на ФФМ на средбата во Прилеп не ја начнал темата за продолжување на соработката. Двегодишниот договор меѓу ФФМ и Катанец завршува со одигрувањето на последниот квалификациски меч за ЕП 2008, со Израел, на гости, на 21 ноември годинава.
Мирко Постоловски