Според позитивните законски прописи до први јануари 2009 година сите произведувачи и оператори со храна ќе треба да го имплементираат HACCP системот. Неофицијално досега во државата само околу 5% од сите производители и трговци на храна го имаат имплементирано овој сертификат.
Вистински хаос настана со имплементирањето на HACCP затоа што Дирекцијата за безбедност на храна пред неколку месеци најави дека размислува за пролонгирање на рокот затоа што минимален број од фирмите што се занимаваат со храна го вовеле овој систем. На најавата за пролонгирање и претходеше барањето на Конфедерацијата на работодавци за одлагање на HACCP за најмалку две години со образложение дека по Нова година во Македонија ќе крахира речиси целата прехрамбена индустрија.
По ваквата најава голем дел од фирмите кои започнаа со имплементирање на HACCP, целата процедура ја ставија во мирување надевајќи се дека воведувањето на HACCP ќе се пролонгира за две години.
Воведувањето на HACCP системот е процес кој бара време за имплементација, а со оглед дека рокот кој државата им го даде на компаниите да го имплементираат системот истекува за дваесетина дена, многу веројатно е дека голем дел од нив нема да го испочитуваат.