Германскиот министер за економија Роберт Хабек (од партијата на Зелените) денеска предупреди на тешки последици за европската економија во случај на ембарго на увоз на руски гас и нафта.

Во случај на ембарго, зборуваме за тешка економска криза во Германија и Европа, изјави германскиот министер за економија за РТЛ.

Тој посочи дека самото вчерашно укажување на можноста за воведување ембарго за увоз на руска нафта и гас ја зголеми цената на нафтата на светскиот пазар за 50 отсто. Хабек предупреди дека во случај на ембарго, цената на нафтата ќе скокне на долг рок, а не само на неколку часа.

Не зборуваме за краткорочни скокови на цените, туку за постојано високи цени на фосилните горива. Мислам дека секој треба да замисли што всушност значи тоа, рече Хабек.

Германскиот министер за економија вели дека во тој случај не би се работело само за „штедење на светилки“, туку и за банкротства на бројни компании и за зголемување на невработеноста.

И тоа треба да се издржи. Не зборуваме за три дена или три недели, туку, да речеме, за три години, рече германскиот министер за економија.

Тој додаде дека за Европа не доаѓа предвид ембаргото за кое се почесто зборуваат САД и дека „Американците се свесни за тоа“. САД увезуваат само 7,5 отсто од нафтата од Русија, додека во Германија зборуваме за 35 отсто. Ситуацијата не може да се споредува, рече Хабек.

OhridNews