Групата за заштита на човековите права Хјуман рајтс воч (ХРВ) синоќа соопшти дека документирала „очигледни воени злосторства“ извршени од руските сили врз цивилите во Украина, пренесува Скај њуз.
ХРВ соопшти дека открила „неколку случаи“ на воени прекршувања во Чернихив, Харков и Киев.
Случаите што ги документиравме претставуваат неискажлива, намерна суровост и насилство врз украинските цивили. Силувањето, убиствата и другите насилни дејствија врз луѓето кои руските сили ги држат во притвор, треба да се истражат како воени злосторства, рече Хју Вилијамсон, директор на ХРВ за Европа и Централна Азија.
Меѓу овие е вклучен и еден случај на повеќекратно силување; два случаи на егзекуција по брза постапка (егзекуција во која едно лице е обвинето за кривично дело и веднаш убиено без право на целосно и правично судење) – еден од шестмина мажи – и други случаи на незаконско насилство и закани врз цивили, извршени помеѓу 27 февруари и 14 март.
Војниците исто така беа вмешани во грабеж на цивилен имот, вклучително храна, облека и огревно дрво. Оние кои ги извршија овие злоупотреби се одговорни за воени злосторства, се додава во извештајот.
OhridNews