Полни паркинзи, гужва пред и во маркетите за широка потрошувачка. Ваква е сликата во дел од познатите маркети во Охрид.
По заострувањето на мерките за превенција од корона вирусот, граѓаните ги празнат рафтовите правејќи домашни залихи. Најмногу се купува брашно, масло, шеќер, сол, тестенини, конзерви, средства за лична хигиена и дезинфекција.
Деновиве значително е зголема потрошувачката, пред се на основни прехрамбени производи. – изјави за OhridNews сопственик на познат трговски ланец.
Што се однесува до снабденоста, од маркетите велат дека засега имаат доволни количини производи за широка потрошувачка и дека снабдувањето засега се одвива непречено. Доколку потрошувачката не продолжи значително да расте и не се случи некаков застој во дистрибуцијата, не би требало да има проблеми, велат тие.
Властите со апел до граѓаните да ги почитуваат превентивните мерки за заштита од корона вирусот, но и да не паничат.
Граѓаните панично да не купуваат прехрамбени производи и да не трупаат непотребни резерви во домовите. – апелира Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија при Стопанската комора на Македонија.
РЕД ПРЕД СУПЕРМАРКЕТИТЕ, А НЕ РЕДИЦИ НА НАПЛАТНИТЕ КАСИ!?
Гужвата, нередот и паниката која се создава во маркетите го поттикна новинарот и колумнист од Охрид Веле Митаноски да му напише отворено писмо на претседателот Пендаровски, во кое бара тој најитно да прогласи вонредна ситуација на целата територија од земјата.
Почитуван Претседателе, драг Стево. Веднаш прогласете вонредна состојба на целата територија на земјата. Војската и полицијата, наместо во касарните – нека застанат пред маркетите! Делува чудно, некому смешно, некој ќе ми забележи, но нека му биде – кој како милува. Пред секој маркет – шатор и цврста дисциплина. Кога не можеме, не сакаме сами да се самодисциплинираме, државата има и право и обврска да не дисциплинира. Нам не ни доаѓа умот со арно. Слободно, без мерка, без размисла нагрнуваме на маркетите.
Продавачките, навистина носат маски и ракавици, но не носи никој од нас – купувачите! Не сакам да ширам паника, само предупредувам. Го пренесувам она што го гледам, тука кај нас, а гледам и слики од Италија, Шпанија.. Да учиме и од туѓите грешки, но да постапуваме и по туѓите позитивни примери. Кина се спаси само поради строгиот режим. Наречете го тоа и диктатура, но ако е таа функционална во кризно доба, во овој темен час (Черчил), тогаш сум за диктатура, а не за башибузук! – му напиша на Претседателот новинарот Веле Митаноски
Опозициската ВМРО ДПМНЕ, пак, денеска на прес конференција побара да се донесат итни и сеопфатни мерки за спречување на ширење на корона вирусот. Според Александар Николоски, Македонија по примерот на Хрватска треба веднаш донесе одлука за замрзнување на цените на основните производи во продавниците и замрзнување на цената на медицинските помагала и средства кои се неопходни за справување на последиците со корона вирусот.
Николоски побара владата да донесе одлука со која од телекомуникациските оператори ќе побара да не ги исклучуваат од мрежата во месец март корисниците кои не ги подмириле сметките, потоа итно замрзнување на обврските на компаниите кон државата, чија работа е погодена од кризата предизвикана од пандемијата со корона вирус, итно замрзнување на обврските на компаниите кон заемодавателите за месец март, подмирување на трошоците за вработените во компаниите погодени од корона вирусот, итно враќање на ДДВ кон компаниите, како и субвенции за транспортните компании, туристичкиот сектор и туристичките центри во земјата.
Г.М.