Владината помош од 6000 денари за социјално најранливите категории предизвика големи гужви пред деловните банки. Ова дотолку повеќе што дел од потенцијалните приматели на еднократната парична помош што е дел од антикризните мерки за ублажување на последиците од пандемијата на Ковид 19, имаат блокирани сметки и за да ја добијат помошта најдоцна до утре (петок) мора да отворат сметка во друга банка. Тука се и луѓето кои имаат секојдневни потреби од банкарски услуги, што дополнително ја комплицира ситуацијата.
Сликата е ваква пред сите банки и во сите градови без исклучок, а загрижува тоа што во големите гужви луѓето подзабораваат на потребата од држење дистанцата и мерките за заштита од коронавирусот.
Се очекува гужвите да потраат и во наредните денови, дотолку повеќе што Владата на синоќешната седница го задолжи Фондот на пензиското и инвалидското осигурување да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до петок за да се обезбеди пензионерите да може да располагаат со декемвриските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од понеделник.
Владата им препорача на деловните банки преку филијалите и експозитурите на банките да обезбедат готовинска исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, во четири групи и тоа за пензии со висина до 11.000 денари, исплата да се изврши на 28.12.2020 година (понеделник), за пензии од 11.001-14.000 денари на 29.12.2020 година (вторник), за пензии од 14.001-18.000 денари на 30.12.2020 година (среда), и за пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 31.12.2020 година (четврток).
OhridNews