Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, денеска изјави дека правата на жените не се луксуз што може да чека додека не се решат кризите во светот и изјави дека на секои десет минути жена или девојка се убиваат од член на семејството или партнер, и дека на секои две минути жена умира за време на бременост или породување.

Гутереш, во авторски текст по повод 8 март, Меѓународниот ден на жената, оцени дека остварениот напредокот во поглед на правата на жените полека исчезнува пред наши очи, а најновите прогнози проценуваат дека, доколку се продолжи со ова темпо, ќе бидат потребни уште 300 години за постигне целосна родова еднаквост.

Мораме да ги смениме овие ужасни трендови и да се залагаме за животите и правата на жените и девојките, насекаде. Ова е еден од моите врвни приоритети и столб на работата на Обединетите нации ширум светот. Од Јужен Судан до Мјанмар, ги поддржуваме жените и девојчињата во криза со тоа што ќе се погрижиме нивниот глас да биде слушнат во мировните процеси, напиша Гутереш.

Тој оцени и дека денешните кризи, кои следат една по друга, од војната во Украина до климатската вонредна состојба, прво и најтешко ги погодуваат жените и девојчињата.

Во светлината на глобалните предизвици за демократијата, правата на жените над нивните тела и правото да донесуваат независни одлуки за сопствениот живот се доведуваат во прашање и негираат, напиша Гутереш.

Оваа година, додаде тој, Меѓународниот ден на жената е фокусиран на затворање на родовиот јаз во науката, технологијата и иновациите.

На глобално ниво, пристапот и користењето на Интернет е за 21 отсто поверојатно кај мажите отколку кај жените, а во земјите со ниски приходи разликата е над 50 отсто, се наведува во текстот.

Тој нагласи дека дури и најбогатите земји се во загуба поради родовите стереотипи и историската пристрасност. На пример, во технолошката индустрија, мажите двојно ги надминуваат жените, а во областа на вештачката интелигенција, соодносот е пет спрема еден.

Дискриминацијата на жените во науката и технологијата е последица на вековната патријархалност, дискриминација и штетни стереотипи, оцени Гутереш и додаде дека жените сочинуваат само три отсто од добитниците на Нобеловата награда во научните категории од 1901 година до денес, а жените на Интернет – вклучувајќи ги и научниците и новинарите – често пати се цел на сексистички говор на омраза и злоупотреба со цел да ги замолчат и посрамотат.

Потребна ни е акција на повеќе фронтови за да се осигураме дека жените и девојките можат да го дадат својот целосен придонес во глобалното знаење преку науката и технологијата. Мора да ги срушиме бариерите – од дискриминаторски податоци до стереотипи кои ги одвраќаат девојчињата да студираат природни науки на рана возраст. Правата на жените не се луксуз што може да чека додека не ја решиме климатската криза, да ставиме крај на сиромаштијата и да создадеме подобар свет, рече Гутереш.

Инвестирањето во жени и девојки е најсигурниот начин да се подигнат сите луѓе, заедници и земји и да се постигнат целите од Агендата за одржлив развој 2030 година.

OhridNews