Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш вели дека светот денес се соочува со глобални предизвици кои стануваат сè поголеми и посложени, додека одговорите на нив се сè повеќе расцепкани и неадекватни.
Пандемијата на Ковид ги зголеми разликите и поделбите во светот, рече Гутереш на годинашното специјално издание на Конференцијата за безбедност во Минхен, додавајќи дека во исто време борбата за правата на жените направи чекор назад, а дискриминацијата и корупцијата се зголемија на глобално ниво .
Гутереш исто така истакна дека се доведени во прашање глобалните цели за одржлив развој.
Во 2021 година треба да се вратиме на вистинскиот пат, а заздравувањето од пандемијата треба да биде основа, рече тој, додавајќи дека вакцините против Ковид треба да бидат достапни за секого.
Според него, земјите треба да споделуваат дози на вакцини и да го користат Ковакс механизмот за сите, а производството треба да се зголеми двојно.
Тој изрази надеж дека Г-20 е добра платформа за тоа, што треба да создаде механизам за забрзување на целиот процес на производство и дистрибуција на вакцините.
Сега е време за солидарност, да се соочиме со уште поголеми глобални предизвици. Ако само ги вакцинираме развиените земји, а остатокот од светот го оставиме без вакцини, вирусот ќе мутира и вакцините може да не бидат ефикасни. Затоа мора да ги вакцинираме сите, без разлика каде се наоѓаат и тоа е итна задача, истакна Гутереш.
OhridNews