Во зимскиот преоден рок, Фудбалскиот клуб Охрид играчки се екипираше доведувајќи квалитетни и искусни фудбалери во составот и најави дека нема со бело знаме да ја започне втората полусезона во Втората македонска фудбалска лига-запад. Целта на „рибарите“ е опстанок во второлигашкото друштво, а за таа цел клубот договори вкупно шест контролни натпревари во февруари месец.
Тест средбите во февруари, охриѓани ги започнаа со триумф над Караорман со 3-1. Следниот контролен дуел е против тимот на Кека од Косово на 5 февруари. Потоа следуваат средбите со македонските екипи Кораб и Дебар. Нов интернационален предизвик за избраниците на Драган Бочески ќе биде натпреварот со Млади Радник од Србија, а генералката пред почетокот на сезоната ќе биде средбата со Питу Гули од Крушево.
Пролетната полусезона во Втората лига стартува на 29 февруари. Охрид во првата рунда гостува во Струга кај составот на Лабуништа.
OhridNews