Со потпишувањето на двогодошниот договор официјално Бошко Ѓуровски е назначен за нов селектор на македонската фудбалска репрезентација. Тој „рисовите“ ќе ги предводи во квалификациите за Европското првенство во Франција коe ќе се одржи 2016 година.

– Добар ден на сите во Македонија, и на сите оние кои живеат надвор од Македонија, а кои ѝ посакуваат успех на Македонската Фудбалска Репрезентација. Како што знаете, роден сум во Македонија, и среќен сум што ми се даде оваа можност, да ја водам репрезентацијата на земјата во која што сум роден. Би сакал да се заблагодарам на укажаната доверба од страна на раководството на ФФМ – рече за официјалната страна на „ФФМ“, Ѓуровски.

Новиот селектор веднаш внесе надеж и оптимист покрај големиот неуспех, кој претрпе селекцијата во квалификациите за Мундијалот во Бразил.

– Јас сум оптимист, и покрај неуспехот во квалификациите за светското првенство во Бразил, сметам дека Македонија има таленти и потенцијал за да оствари успех во квалификациите за Европското првенство во Франција, 2016 год. Она што сакам да го истакнам е дека Македонија мора да игра похрабро – и според мене тоа е она што недостасуваше во минатиот циклус на квалификации. Јас сум тренер кој од играчите бара да го вложат својот максимум и никогаш да не се откажуваат. Како што би се изразиле оние од англиските говорни подрачја: Never Give Up – тоа треба да биде нашето мото за квалификациите за европското првенство во Франција. Во репрезентацијата ќе играат најдобрите играчи, оние кои ќе се истакнат со своите фудбалски квалитети, но и со карактер и победнички менталитет. Психолошката подготвеност во тој правец мора да биде на највисоко ниво – додаде Ѓуровски.

Задоволството од постигнатиот договор искажа и првиот човек на ФФМ, Илчо Ѓоргиоски, кој потенцираше –  Со Бошко Ѓуровски склучивме договор на две години, со можност за продолжување на истиот за уште две. Бошко Ѓуровски е наша фудбалска легенда, но и реномиран стручњак кој веруваме дека со својата стручност, посветеност и објективност ќе успее заедно со нашите репрезентативци да постигне резултати, на радост и на задоволство на сите вљубеници во фудбалот, поддржувачите на македонската фудбалска репрезентација, како и на целата спортска јавност. Фудбалската Федерација на Македонија, како пратечки сервис на репрезентацијата ќе се потруди да обезбеди оптимални услови за непречена реализација на плановите на нашиот селектор. Нека е со лесно, и со многу успех. – истакна претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски во своето воведно обраќање, и како добредојде на новиот селектор му врачи дрес на македонската репрезентација, со бројот 8, оној кој Ѓуровски во носеше кога настапуваше за нашата репрезентација како играч.

Извор „ФФМ“
Мх.П.