Македонската фудбалска репрезентација го победи Азербејџан и ја збележа третата победа во четвртиот меѓусебен дуел. Црвено – жолтите успеаа да врзат пет натпревар без пораз (четири победи со Катар, Канада, Црна Гора и Азербејџан и нерешено со Иран).


Поважно од победата над Азербејџан беше успешното деби на повеќе македонски репрезентативци. Двајца од нив Тричковски и Ѓуровски успеаа да ја затресат и противничката мрежа. Дебитантот Ѓуровски не го крие своето огромно задоволство од успешното деби:

– Повеќе од задоволен сум со мојот дебитантски настап. Вистински начин да се оправда довербата на селекторот. Пред се одличен натпревар и резултат за нашата селекција со три прекрасни гола и пред се лесна и течна игра со многу додавања што мене многу ми одговара и се надевам дека брзо ќе се вклопам во системот на игра на селекторот Јонуз на кого му се заблагодарувам што ги следеше упорно моите настапи во тимот на Војводина и ми даде шанса да се докажам во националниот дрес. Се надевам дека ќе ги оправдам очекувањата и ќе се одолжам со добра игра и голови – изјави Ѓуровски, за официјалната веб страна на ФФМ.

Македонија во среда ќе го одигра вториот конторлен натпревар на турнејата во Австрија и тоа против селекцијата на Романија.