Црквата не е заинтересирана за изградба на било каков туристички комплекс во атарот на Љубаништа, каде голем имот поседува Дебарско Кичевската епархија, на која тој и беше вратен во владение по неколку децении со денационализација.

Во телефонски разговор владиката Тимотеј ни изјави дека неговата епархија воопшто не била запознаена, ниту добила писмена информација што точно ќе се прави во Љубаништа, но посочи дека црквата нема интерес таму да се гради и дека доколку биде потребно своите права ќе ги брани на суд. Митрополитот Дебарско – кичевски, изрази стравување дека имотот повторно може да и биде одземен на црквата.

-Имотот на Дебарско – кичевската епархија не е мој, туку е имот на народот, но каде има сила нема правдина. Mожеби повторно како што некогаш билo одземенo, пак ќе биде отуѓено црковното земјиште под некаков изговор за изградба на туристички комплекс, или нешто друго, но ние нема да оставиме тоа така да се случи и ќе ги преземеме сите неопходни мерки за заштита на имотот на МПЦ.-рече владиката Тимотеј.

Тој истакна дека црквата сепак, ќе сочека да види што ќе биде од најавите, затоа што, како што рече, може да се работи и за политички маркетинг.

Потенцијалниот инвеститор, индискиот милијардер Субрата Рој, за време на престојот во Охрид, деновиве, истакна дека има сериозни намери да изгради нешто големо на Охридското Езеро. Поддршка доби од државата, која најави дека за реализација на проектот „Сахаријан Македонија“, ќе биде формирана Туристичка развојна зона, а  сопствениците на имоти ќе бидат соодветно обештетени.

-Таму е предвидена да се формира Туристичка развојна зона на која што ќе биде поставен проектот и секако согласно закон граѓаните ќе бидат обештетени. – изјави вицепремиерот Зоран Ставрески на прес конференцијата која се одржа пред два дена во Охрид.

Според најавите, во Љубаништа треба да никне еден од десетте најмодерни туристички ресорти во светот, кој ќе го гради компанијата на Субрата Рој „Сахара Индија Паривар“. На површина од 240 хектари предвидена е изградба на суперлуксузен хотел – казино на вода,  апартмани, вили, марини, голф терени, како и други пропратни објекти, кои според очекувањата на инвеститорот, ќе придонесат Охрид да стане светска туристичка дестинација.

Г. Момироски