Ние нема што да отстапиме, ние немаме имот за продавање, вели во интервју за Утрински весник, митрополитот г. Тимотеј, надлежен архијереј на Дебарско-кичевската епархија, за спорот со Владата, која сака од МПЦ да купи имот од 18 хектари околу „Свети Наум“, со што црквата не се согласува, поради што е поведен и судски спор од страна на г.Тимотеј. Додека трае процесот за земјиштето на МПЦ, Владата ја комплетира урбанистичко-планската документација за овој простор, а земјиштето е пренаменето од земјоделско во градежно.

– Никој со власт не може да се бори. Јас штитам манастирски имот и тоа е моја должност. Ако наумиле, тие и ќе го направат тоа. Но, овој народ не мисли како нив“,вели г. Тимотеј кој појаснува дека станува збор за  18 хектари имот, кој е најубавиот дел, пред влезот во комплексот, кон Љубаништа, од левата страна, до езерската линија. Додека пак најголемиот дел од  2.770 хектари, со кои располага црквата се во планината Галичица и кои се потешко достапни.

Г. Тимотеј во интервјуто нагласува дека верува во институциите на државата и дека од судот очекува да суди според закон и прописи, да го почитува правото на имот, на манастирскиот имот. Потенцира дека не се работи за висината на цената која им ја нуди државата за купување на земјиштето.

 – По никаква цена не го продаваме земјиштето. Друго е прашањето што и со тоа се манипулира. Точно е дека ни се нуди најниска цена од 2 евра, но не е точно дека највисоката понудена е 1.500 денари, како што партиски соопштуваат. Ако ви требаат документи, ги имаме – највисоката цена е само 500 денари, вели г. Тимотеј.

Тој додава дека црквата го штити интересот на народот и дека нема никаква вклученост на политиката.

– Едно е јасно – црквата обединува. Партиите се тие што разединуваат, раскаруваат. Јас го штитам интересот на граѓаните, на охриѓани посебно. Точно е дека во христијанскиот свет има примери каде што црквата и државата се сплотиле. Знаете, и ние не сме ангели и ние од црквата сме луѓе. Но, далеку од умот е да ме обвинуваат дека во годините кога СДСМ беше на власт, сум молчел, а сега реагирам, иако оваа Влада, со денационализација, ни го вратила земјиштето. Ние не припаѓаме на партии, туку само на народ. Проблемите во „Свети Наум“, но за друг повод – околу изградбата на влезната партија, плажата, санитарниот јазол, како и стопанскиот дел, ги иницираше човек токму од повисоките структури на СДСМ во Охрид. Но, ние не отстапивме ни тогаш, затоа што беше тргнато од лични интереси, а тие немаат партиски бои.Да бидеме објективни. Точно е тоа дека оваа власт најмногу ни врати. Меѓутоа, поради вистината, треба да се каже дека токму комунистичката власт, последната влада, онаа на Глигорие Гоговски, ги врати имотите со закон и документи. Законот за денационализација го донесе не оваа, туку претходната власт. Зошто и не го спроведе во практиката, тоа си е нивна работа, вели во интервјуто г. Тимотеј .

OhridNews

извор Утрински весник