Фабриката на Групацијата „КОСТАЛ“ во Охрид веќе пет години функционира како успешна германска инвестиција, која е позитивен пример во земјава.
Оваа семејна компанија, која е гигант во областа на автомобилската индустрија, оперативното работење во Охрид го започна во 2016 година како браунфилд инвестиција лоцирана во погоните на поранешен ЕМО во с. Косел. Денес овој високо софистициран производствен капацитет од автомобилската индустрија, е неизбежен дел од локалната, регионалната и националната економија.
Фабриката на „Костал во Охрид е уникатен пример за компанија која не е лоцирана во главен град, а сепак е капацитет со технолошки напредно производство, истакна Заменик германскиот амбасадор во земјава Ото Граф. Тој беше во посета на „КОСТАЛ“ во Охрид по повод 5 годишниот јубилеј на оваа германска инвестиција, заедно со членови на управниот одбор на компанијата Каи Кникман, Главен извршен директор, Хансјорг Херман, Главен оперативен директор и Извршниот потпретседател Кристофер Сандерс.
Има многу фактори кои се важни за инвестирање, кои се од политичка природа и токму за тие прашања разговаравме. Ние сме во постојан контакт со Владата на Северна Македонија за да ги дискутираме прашањата кои се поврзани со инвестициите, а наша цел е да создадеме клима во која и локалните и странските компании ќе можат да напредуваат. Мислам дека денешната посета овде е многу добра можност да се согледаат можностите, како и она што може да се подобри во иднина, истакна Граф.
На почетокот од 2018 година, „КОСТАЛ“ броеше 221 вработен, а од неодамна во своето семејство го доби 1000 член и со тоа креира една компанија која е од огромно значење за економскиот напредок на локалната заедница. Групацијата е технолошки лидер, а истовремено и семеен бизнис и тоа успешно го комбинираме во нашите операции и постигнувања овде, вели генералниот извршен директор на групацијата „КОСТАЛ“ Каи Кникман.
Тоа се должи на природата на поддршката која ја добивме како на локално, така и на регионално и национално ниво, и КОСТАЛ навистина се чувствува како дома, во Охрид. За да растеме и понатаму ни требаат вистински најдобрите услови на поддршка и стратегија за инвестиции. Кристално е јасно дека не само што креираме работни места, туку и помагаме на економијата, креиравме капацитети за обуки, ги поддржуваме нашите вработени и го унапредуваме претприемништвото, и тоа е нешто што дефинитивно сакаме да биде одржано и да продолжи и во следните години, истакна Кникман.
КОСТАЛ важи за глобален лидер во понудата на технолошки напредни, електронски, електромеханички и механичко-електронски производи за светски познати автомобилскибрендови. Компанијата е присутна на 42 локации во светот на 5 континенти.
Како што истакна генералниот директор на КОСТАЛ МАкедонија, Виктор Мизо, иднината на компанијата ќе биде исполнета со нови, комплексни проекти кои се планира да бидат реализирани во Охрид.
Дел од овие проекти се вбројуваат во најкомплексните во рамките на Групацијата КОСТАЛ, за што покрај посветеноста на внатрешните ресурси, ќе биде неопходна повеќе од порано и поддршката од институциите, и тоа на повеќе нивоа. Многу нови предизвици се пред нас, но знаејќи ја посветеноста на тимот на КОСТАЛ, како оној на интернационално, така и на локално ниво, нестрпливи сме да ја зграбиме нашата шанса и да го направиме КОСТАЛ МАКЕДОНИЈА најважната европска производна локација во рамките на Групацијата КОСТАЛ, истакна Мизо.
Заблагодарувајќи се на сите чинители кои се, и биле дел од успешната приказна, Мизо додаде дека во изминатите пет години сите вработени во КОСТАЛ работејќи во услови на технолошки напредно производство, се надоградуваа себеси како лидери, професионалци и личности.
Одбележувањето на јубилејот беше свечено заокружен со врачување на плакети и благодарници на вработените за нивната лојалност и посветена работа во компанијата во изминатите 5 години.
К.А.