Уставниот суд на Република Македонија ќе ја оценува законитоста на Генералниот урбанистички план -ГУП, на Охрид, кој беше донесен минатата година.
Како што дознаваме, ГУП го обжалила група граѓани од населбата “Бејбунар 2“ кои барале во тој дел да има зона за градба. Од секторот за урбанизам во локалната самоуправа во Охрид, велат дека Министерството за животна средина и просторно планирање го одбило таквото барање на граѓаните од населбата “Бејбунар 2“, бидејќи тука се изворите од кои Охрид се снабдува со вода.
Точката за оценување на законитоста на ГУП, на 12 април еднаш веќе беше одложена, а поради преобемен дневен ред, по неа нема да се расправа ниту на денешната седница на Уставниот суд.
Инаку, оспорување на ГУП најави и Факултетот за туризам и организациски науки – ФТОН, поради пренамена на просторот на кој се наоѓа факултетот во хотелска зона.
Иако од секторот за урбанизам велат дека ФТОН не може да го обжали ГУП бидејќи биле поминати сите рокови за жалба , извори од Уставниот суд велат дека урабанистичкиот устав на Охрид, како што уште се нарекува Генералниот урбанистички план, може да биде обжален, но само како генерално решение.
Инаку ГУП на Охрид се однесува на периодот 2002-2012 година. Дали ќе важи до тогаш ќе зависи од тоа како ќе се произнесе Уставниот суд по иницијативата за оценување на законитоста на ГУП на град Охрид.
Г. Момироски