Инцидентите што се случуваат во средните училишта во  Струга „Нико Нестор“ и „Ибрахим Темо“ се последица на Законот за територијална организација од 2004 година, смета премиерот Никола Груевски.

– Кога се реализираше Законот за територијална организација, ВМРО-ДПМНЕ во тој период и јас лично предупредувавме и го повикувавме СДСМ и Бранко Црвенковски дека таквиот закон ќе доведе до големи последици и проблеми кои со години ќе треба да се решаваат и  од 2004 година наваму во континуитет повремено имаме проблеми кои честопати се зајакнуваат пред избори, што говори за нешто друго, изјави денеска во Скопје Груевски.

Премиерот додаде дека Владата е посветена на проблемот и дека  владини претставници се во постојан контакт со родителите, наставниците, со локалната самоуправа, дека има разговори со  коалицискиот партнер ДУИ и експерти кои можат да помогнат тој да биде решен.

На ваквите ставови уследи експресна реакција од СДСМ, кој го обвини Груевски дека се обидува вината за инцидентите во Струга да ја префрли на туѓа адреса.

– И на парламентарните избори 2006 и на предвремените избори 2008, Груевски им вети на граѓаните на Струга дека ќе ги врати општинските граници во претходна состојба. Оттука, Груевски нема морален кредибилитет воопшто да ја споменува територијалната организација, се вели во рекацијата на СДСМ.

Ohridnews