Ние знаеме кои сме и како ќе живееме. Ние сме Македонци, зборуваме македонски, а нашата држава се вика Република Македонија, истакна премиерот Никола Груевски во говорот вчера на 66. сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации, пренесува националната телевизија „Телма“.

Премиерот подвлече дека „ние не сакаме да сме во позиција нашето име и идентитет да бидат оспорувани од една земја и секако дека ние самите тоа го немаме побарано“. Но, според него, реалноста е често пати ладна, тешка и брутална. Факт е дека нашиот јужен сосед се противи како за нашето име, така и за нашиот идентитет. И, нивното противење стана наш проблем и дојде до спор кој е уникатен во светот, спор наметнат заради потребата на една земја, нашиот сосед, да има монопол на две имиња, или од друга страна нивната стратешка определба ние да не сме онака како што се чувствуваме.

– Замислете во каква виртуелна ситуација се наоѓаат моите граѓани, уценети, со блокиран развој и перспектива, заради блокадите од страна на нашиот сосед за влез во евроатланските институции, само заради тоа што сме, односно заради тоа што се чувствуваме. Ве молам само за момент обидете се да бидете во нашата улога, обидете се да размислите како би се чувствувале кога некој би побарал од вас да не бидете Германци, Британци, Американци, Руси, Кинези, Нигеријци, Аргентинци, итн. Само тоа го барам од вас, само за тоа ве замолувам. За поддршка да се заврши ова, за поддршка да бидеме она што сме, без да повредиме некого, без да наштетиме било кому, со разбирање, толеранција и почит кон сите наши соседи, пријатели, кон сите вас, со почит кон нашиот сосед со кого го имаме овој спор и разбирање за неговите стравови, ние немаме никакви претензии, или намери да го монополизираме терминот Македонија, рече премиерот Груевски.

Тој додаде дека за среќа, 131. земја од светот избраа да не признаат под името со кое самите се нарекуваме – Република Македонија.

OhridNews