Очекувавме прием во НATO уште на Самитот во Букурешт, но се разочаравме од исходот, при што ни беше наметнато како услов да го решиме проблемот со името. Тоа нема да не оттргне од вистинскиот пат и ние ќе продолжиме со реформите и конструктивниот пристап во разговорите со Грција. Ова го истакна премиерот Никола Груевски на отворањето на 11-та Меѓународна Балканска конференција „Македонија на патот кон НАТО и Европската унија“, што денеска се одржува во Охрид.


 
Притоа Груевски рече дека сме подготвени на компромис кој нема да ги загрози нашите национални интереси и нашето национално достоинство. „Би било апсурдна цената за влез во ЕУ да стане нешто што е спротивно на европските вредности и откажувањето од сопствениот идентитет“, рече Груевски.


На Конференцијата која има за цел поддршка и афирмација на надворешната политика на Република Македонија за интеграција во ЕУ и НАТО структурите,  учествуваат претставници од општествениот и политичкиот живот на Балканот, како и поранешните претседатели на Турција, Романија и Македонија, Сулејман Демирел, Емил Константинеску и Киро Глигоров.

Ohridnews