Македонија не е ниту Груевски, ниту Заев, туку овој народ, кој е најдобриот одговор за сите сценаристи кои не и мислат добро на државата, истакна премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на големиот митинг што во организација на владеjaчката патија се одржа вечерва во Скопје.

– Македонија овие 3,5 месеци е под жесток напад. Како никогаш до сега не се браниме, ретко како кога молчиме и чекаме да помине. Нашите реакции до сега не беа реакции, ние молчевме, но доста беше. Македонија време е да одговори. рече Груевски.

Тој истакна дека Македонија нема да се предаде и нема да потклекне пред притисоците од опозицијата, која ја обвини дека креира криза.

-Мислеа дека ќе не скршат, со креирани и монтирани снимки и со терористички банди, мислеа дека ќе потклекнеме, но вечерва го добиваат одговорот -„Нема повлекување, нема потклекнување, нема предавање, Македонија е силна!“. – истакна Груевски.

Тој порача дека Македонија ќе ја добие ова битка и дека нема да дозволи да ја води политичар како Зоран Заев, посочувајчи дека тој никогаш нема да стане премиер. Македонија, рече тој, нема да си дозволи да ја предводи човек кој со помош на странски служби сака да ја дестабилизира државата за да се дограби до функција, порача премиерот.

-Нивниот инструмент кој го видовме како Струмица си ја направил пашалак, приватна фирма, крава-молзница, си вовел сопствени даноци за лично богатење, нема да ја оствари целта. Никогаш нема да биде премиер, никогаш нема да дозволи Македонија да и се случи Заев. Не само што нема да биде премиер туку нема никогаш повеќе да биде ниту градоначалник на Струмица.– истакна Груевски.

Тој упати жестоки критики кон раководството на СДСМ, посочувајќи дека тоа е гарнитура која не може да си ги преброи становите и куќите на кои сами себе си плаќаат кирија. Додаде дека демократи кои протежираат насилни политики со закани и уцени не и требаат на Македонија

-Демократија ли е ако на секој неистомисленик му упатуваш закани со снимени разговори, креирани, монтирани и прилепувани. Демократија ли е ако пет часа ја тепаш со што ќе стигнеш сопствената полиција и 38 полициски службеници се хоспитализирани, го симнуваш и кинеш знамето на РМ. Тоа ли се демократи, кои организираат насилници да ги тепат нивните неистомисленици, што ќе се случи кога тие ќе дојдат на власт? Искрено си кажа Заев дека ќе јадат живи луѓе и дека од чистачка до министер се ќе биде од списокот на нивната партија. рече Груевски.

Премиерот запраша дали тие луѓе ја бараат неговата оставка, посочувајќи дека всушност опозцијата бара да и биде оставена Македонија, за да направи хаос. Груевски истакна дека и покрај сценариото кое се одвивало неколку месеци, Европската Комисија во пролетната прогноза објави дека Македонија која во 2013 и 2014 имаше втор највисок раст на економијата, оваа година и следната ќе има највисок економски раст во Европа. 

-Тоа значи и многу инвестиции и многу нови работни места.-додаде тој.

Премиерот се осврна и на неодамнешните настани во Куманово, велејќи дека и покрај обидите, не успеале намерите Македонија да биде втурната во конфликт.

-ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата ќе најде начин да го запре правењето штета на Македонија. истакна Груевски, додавајќи дека во земјата нема потенцијал за конфликт и за дестабилизација затоа што народот не го сака тоа.

Груевски рече дека Македонија има свои слабости и работи кои треба да ги подобри, но и дека земјата има сила да се подобри. Тој го обвини лидерот на СДСМ дека со своето делување и нанесува штета на економија особено во делот на извозот.

-Се јави и вознемиреност кај странските инвеститори исто како и кај домашните, но компаниите не треба да се плашат, имаат пријателски настроена влада која ги разбира и континуирано им помага и тоа ќе продолжи. порача Груевски.

Тој упати порака и до поранешниот лидер на СДСМ Црвенковски кому му порача да си стои на страна и да си ја троши највисоката пензија во државата. 

-Како стар волк го охрабри Заев да биде уште порадикален и на грбот на својата држава и народ да го донесе СДСМ на власт. Бранко, не бива таа работа, откажи се, не ги закрвувај луѓето, ќе ги носиш на душа.-рече Груевски.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ на крајот од својот говор порача дека нема да успеат сценаријата за дестабилизација на земјата поддржани од странски служби, порачувајќи дека власта има тим, визија и народ кој е мудар и носи исправни одлуки.

Собирот на ВМРО ДПМНЕ на кој присуствуваа поранешните министри Јанкуловска и Јанакиески, кои неодамна поднесоа оставки, и ексдиректорот на УБК Мијалков, како и партиски ветерани и познати личности од естрадата и јавниот живот мина мирно и без инциденти.

OhridNews