Почитуван Господине Караманлис,
Ви пишувам за две исклучително важни теми, чие решавање убеден сум ќе исправи многу историски неправди, неправди кои се чувствуваат и денес, и ќе го подобри животот на многу луѓе, а секако позитивно ќе влијае на подобрување на односите помеѓу Република Македонија и Република Грција.
Имено, кон крајот на четириесеттите години, за време на граѓанската војна во Грција, неколку стотини илјади граѓани и цели семејства во виорот на војната, во својство на бегалци ги напуштија своите домови, имоти и државата Грција во која беа родени.
Огромен дел од овие луѓе, најголем дел од нив етнички Македонци родени во Грција, дојдоа да живеат во тогашната СФРЈ, поточно во делот на денешната Република Македонија, и останаа тука засекогаш, на што веројатно влијаело и тоа што говореле ист јазик и чувствувале припадност на ист народ, македонскиот. Еден дел од нив се раселија во други европски држави, како и во Америка, Австралија и Русија, но и оние кои се раселија исто така се најголем дел етнички Македонци, говорат ист јазик со нас, чувствуваат припадност на истата нација, македонската, а поголем дел од нив имаат и двојно државјанство, македонско, и на земјата во која живеат.
За жал, децении потоа, по нивното напуштање на родните места и живеалишта, дури и откако заврши војната, ним им беше оневозможено, односно забрането да се вратат во своите родни места, во своите родни куќи и на своите имоти. Тоа не им беше дозволено ниту ним, ниту на нивните наследници. Колку што знам, некаде на почетокот на осумдесеттите години, во Грција се донесоа неколку закони со кои на некој начин им се одземаа нивните имоти, и ќе се согласите дека таквите закони не се согласно стандардите на Европска унија, НАТО и меѓународните стандарди за човекови права и за гарантирање на сопственоста. Денеска овие граѓани, сега веќе државјани на Република Македонија, а родени во Грција, се тројно дискриминирани. Прво, не можат да си ги добијат имотите назад, второ, имаат сериозни потешкотии за влегување во Грција и трето, доколку некој од нив сака, не може како и секој друг човек кој се родил и израснал во Грција, согласно грчките закони да има право на двојно државјанство, едно македонско и едно грчко, во услови кога Грција го дозволува правото на двојно државјанство. Имајќи во предвид дека во децениите кои се зад нас, демократијата во двете држави се развиваше, а Вашата држава стана и членка на Европската унија и НАТО, институции каде особено се внимава на човековите права и на стандардите за гаранција на приватна сопственост, очекувам дека Вие како Премиер, ќе превземете мерки за исправање на оваа неправда за огромен број на луѓе со тешка судбина и животен пат.
Во Република Македонија овие граѓани се организирани во повеќе граѓански здруженија и во неколку средби со нив, тие побараа да се обратам до Вас како до Премиер на соседна држава, од која тие се чувствуваат дискриминирани.
Втората тема за која сакам да Ве замолам, а верувам дека Вие со задоволство ќе се ангажирате да помогнете, е признавањето на македонското малцинство во Република Грција, и овозможување на основните права согласно меѓународните стандарди за образование на мајчин јазик (македонски), негување на културните традиции и обичаи преку различни форми на организирање, употреба на македонскиот јазик во локалните институции во местата во Грција каде тие живеат во позначаен број, и други можности кои секоја демократска држава ги овозможува на сопствените граѓани кои се од етничка заедница различна од доминантната.
Господине Премиер,
Јас верувам дека Вие со добра волја ќе ги разгледате овие прашања, и се надевам дека во разумен период ќе предложите решение за овие горливи проблеми. Јас, и институциите во Република Македонија Ви стоиме на располагање за секаков вид на комуникација по ова прашање, дополнителни информации, а можно е и средба на експертски групи од двете држави кои верувам во еден краток неколкумесечен период ќе ги утврдат сите факти и детали, со кои ќе ги надминеме овие проблеми, кои сигурно ќе влијаат на одржувањето на добрососедските односи.
Сите знаеме дека за решавање на овие проблеми потребна е пред се политичка волја, за која јас верувам дека вие како демократска држава и земја членка на Европската унија и НАТО ќе ја имате. Впрочем, во денешно време, кога се работи за човековите стандарди, гаранцијата на приватната сопственост и малцинските права, не се работи за тоа дали сакаме или не сакаме да ги решиме, туку потребно е стриктно придржување до меѓународните стандарди.
Господине Премиер, јас и Вие не можеме да ја промениме историјата и минатото, но со добра волја можеме да исправиме многу неправди од минатото, а секако дека можеме да влијаеме во креирањето на многу подобра иднина на нашите граѓани, доколку реално и непристрасно приоѓаме на реалните проблеми.
Со надеж на Ваш скорешен позитивен одговор,
Никола Груевски