Премиерот Никола Груевски во изјава за медиумите денеска рече дека опозициската СДСМ треба да научи дека можност за избор на министри и влада се добива само на избори и со поддршка на мнозинството од народот, бидејќи тоа е суштината на демократијата.

„Со внимание ги следам сите овие шпекулации кои ги продуцира СДСМ и медиумите блиски до нив и понекогаш се чудам на нивниот начин на пуштање шпекулации и создавање на нереални амбиции и нереални очекувања. Размислувам како да одговорам. Доколку одговорам многу сериозно некој може да помисли дека има некоја вистина во однос на создавање преодна влада каде министри и премиер ќе одберат СДСМ. Ако одговорам само со насмевка може да бидам погрешно сфатен и затоа ќе кажам дека СДСМ треба да научи дека министри и премиер ќе може да бира тогаш кога ќе победат на избори и кога ќе ја добијат поддршката од мнозинството граѓани на Република Македонија. Се дотогаш нема да имаат можност ниту за министри во владата, ниту за премиер затоа што ја немаат потребната доверба од мнозинството граѓани. Тоа е основната работа во една демократија“, изјави Груевски, кој присуствуваше на пуштањето во употреба на две двојни тениски игралишта во рамки на Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Запрашан дали ги смета како можен компромис евентуални предвремени избори кои би се одржале после Нова година, Груевски изјавил дека засега такво нешто не планира.

OhridNews

Извор:„Макфакс“