Деморализаторските ставови дека корупцијата е наследена и ендемска појава, која свое засолниште има во ставовите и навиките на луѓето, треба да се замени со ставот дека се работи за системска појава против која треба да се бориме сите заедно и да ја сведеме на најмало можно ниво. Ова го истакна премиерот Никола Груевски во обраќањето пред учесниците на Шестата Годишна регионална конференција на Транспаренси интернешнал за Европа и Централна Азија што денеска запошна во Охрид.


Корупцијата е жилав противник, но не е непобедлив. Успехот зависи од политичката волја, решителноста и посветеноста на државните органи и судовите. Граѓанското општество и медиумите, се битни алки во борбата кои треба да предлагаат акции, да организираат јавни соочувања и да придонесат со истражувачка работа на ова поле, рече Груевски.Според него суштинска е потребата од широк фронт против корупцијата каде секој со својот личен пример дава придонес во борбата против ова зло на денешницата.


-Огромна, а можеби клучна улога има и подигнување на нивото на јавната свест, особено кај поединците кои работат во секторите кои се силно погодени од корупцијата. Токму оние кои треба први да им кажат НЕ на своите колеги. Подигнатиот глас, значи и заштита на професија, затоа што еден корумпиран судија, политичар, лекар, професор, полицаец или цариник, ја дава истата слика за целокупната своја професија и отвора сомнеж за стотици други кои чесно и професионално си ја извршуваат работа, истакна Груевски

Тој нагласи дека Македонија останува отворена за соработка, размена на искуства, совет или критики, затоа што, како што рече, “само на тој начин ќе ја зајакнеме борбата против корупцијата“. Македонија, рече Груевски, има донесено Акционен план за борба против корупцијата 2007 – 2011. Тоа е стратешки документ на Владата, кој опфаќа конкретни мерки и активности на надлежните органи и тела, насочен кон борбата против корупцијата во повеќе области како што се: политичкиот систем, правосудството, јавната администрација, локалната самоуправа, органите за спроведување на законот, финансискиот и економскиот систем и граѓанското општество. Тука би истакнал дека за прв пат со Акциониот план се обезбедени финансиски средства за реализирање на предвидените активности. Имено, во буџетот за 2009 година обезбедени се 153 милиони денари за оваа намена, додате Груевски.


На конференцијата што ја организираат Владата на Република Македонија и Министерството за правда, во соработка со Transparency International и Транспарентност нулта корупција Македонија, учествуваат претставници на повеќе од 45 држави од Европа и Азија.Централни теми на четиридневната конференцијата ќе бидат реформите за пристапување кон ЕУ и борбата против корупција и перење пари.

Ohridnews