Потребен е ангажман за да се мотивира Грција да пристапи кон решавање на прашањето за името, имајќи ја предвид инертноста која во дел е резултат на објективни причини заради неповолната економска состојба, рече премиерот Никола Груевски, во обраќањето пред Генералното Собрание на Светската организација во Њујорк, пренесува „Макфакс“.

„Решавањето на разликите со нашиот јужен сосед е наш приоритет, во рамките на границите на резолуциите на ОН и согласно меѓународното право, кои го дефинираат решението кое е предмет на разговори и взаемно прифатливото решение. Нашата позиција е добро позната и таа е во контекст на реалноста, дека ние сме Македонци, говориме македонски јазик и живееме во држава со уставно име Република Македонија“, рече Груевски.

Тој потсети дека и одлуката на Меѓународниот суд на правдата донесена во полза на Република Македонија треба да се почитува од сите членки на оваа организација, особено затоа што тој суд е основан од ОН и треба да е гарантот на спроведувањето на правдата и на билатералните договори склучени под покровителство на ОН.

„Како две пријателски земји кои освен овој немаат друг проблем треба да се почитуваме и да соработуваме, да разговараме. Би сакал да ја повикам новата Влада во Грција, како што правевме и во претходните случаи, во духот на добрососедските односи и пријателството, да го решиме ова нерешено прашање како одговорни лидери и држави пред нашите народи“, порача македонскиот премиер.

Според Груевски, денешните генерации политичари од двете страни, треба да направат овој спор да има решение кое ќе е одржливо, балансирано, и взаемно прифатливо и кое ќе го поддржат граѓаните на двете земји.

„Ова решение ќе придонесе во цврстината на регионот и подигнување на капацитетите за отфрлање на предизвиците со загрозувањето на стабилноста од страна на радикални елементи, подобро остварување на меѓународните конвенции за универзалните права и посилен систем за одговор на хуманитарните предизвици“, рече премиерот Груевски.

Тој додаде дека со таква една трајна стабилизација, широко ќе се отворат можностите за реализација на економски напредок, за поголема соработка на сите земји во регионот во трговската размена и соработката на полето на инвестициите.

„Сите ние треба да се стремиме кон реализација на крупни економски инфраструктурни проекти, кои ќе опфаќаат поголем број држави и со чија што имплементација следствено ќе се влијае на зголемување на бруто домашниот производ на сите земји партиципиенти и ќе се обезбеди отворање на десетици илјади нови работни места“, истакна Груевски.

Македонскиот премиер нагласи дека двете земји мора целосно да го искористат меѓународното право и правда во решавањето на ова прашање на одговорен начин, почитувајќи ги притоа разликите во двете позиции, а сепак во обид за нивно надминување, верувајќи во европските вредности и во заедничката иднина.

„Нашиот регион, додаде, се соочува со два клучни стратешки и глобални предизвици, првиот е кризата со мигрантите и бегалците, и вториот многу поопасен аспирациите за посилен продор на ИСИС во Европа, кои појавуваат сериозни опасности за влијание на економијата и одржливиот развој, но многу пострашно преку агендата на ИСИС за рушење на општествата базирани на универзалните вредности и принципи кои ги штити ОН“, рече Груевски.

Осврнувајќи се на состојбата со бегалците со која се соочуваат државава, Балканот и цела Европа, посочи дека од почетокот на оваа година речиси 200.000 луѓе, главно Сиријци, минале низ Република Македонија.

Тој додаде дека Македонија ќе направи сè што може за да им помогне на овие луѓе кои имаат потреба.

„Без разлики на економскиот и одржливиот аспект ние се трудиме да придонесеме за помош кон нив, надминувајќи и санкционирајќи одредени слабости во системот кој е поставен, но со силна посветеност да се придонесе во креирање на излезни позитивни решенија за овие лица согласно нивните потреби. Но, ние не можеме да го направиме тоа сами“, рече Груевски.

Според него, Република Македонија останува активен и конструктивен актер во регионалното опкружување, давајќи значителен придонес на натамошното продлабочување на добрососедските односи, регионалната соработка и зацврстувањето на регионалната безбедност.

OhridNews
Извор:„Макфакс“