Владејачката ВМРО ДПМНЕ со собир што се одржа на плоштадот „ВМРО-ДПМНЕ“ пред новиот објект на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје одбележа 25 години од основањето. Пред присутните се обрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски, кој ги повика граѓаните да излезат масовно на предвремените избори следната година и да дадат масовна поддршка за уште една нова победа на партијата.
Предвремените парламентарни изборите, според Груевски, ќе бидат своевиден референдум, најважната победа и истовремено „пораз на идејата без работа и со насилство да се дојде на власт“.
-Тоа ќе биде најважната победа затоа што со таа победа во Македонија ќе се порази идејата да некој без работа и труд, а со интриги и манипулации, со плаќање пари некому нелегално да снима разговори кои подоцна ќе се креираат, сечат, лепат и ставаат во погрешен контекст, со плаќачи на тие пари пари кои имаат свои интереси, со втерување страв кај населението дека против секого имале матерјал, ќе се победи на избори. Не народот нема да го дозволи тоа. – рече Груевски.
Тој објави дека новата зграда на партијата е именувана „Палата д-р Христо Татарчев“ по првиот претседател на Централниот комиет на Македонската револуционерна организација и еден од нејзините основачи.
Груевски роденденот на партијат им го честиташе најпрво на нејзините основачи во 1990: Љубчо Георгиевски, Драган Богдановски, Борис Змејковски, Гојко и Мане Јаковлевски, Владо и Дијана Трнталовски, Васил Наумов, Драги Арсов….
Тој подвлече дека ВМРО-ДПМНЕ е најсилната, најмасовната и најбројната партија во земјата, со 170.000 членови.
25-от роденден ВМРО ДПМНЕ го одбележува под слоганот: „Нашата сила е нашиот народ, нашиот народ е нашата држава“.
OhridNews