Ние трошиме време на проекти и дела, на такви „бомби“, а народот нека прави разлика, дали ќе не цени по делата или креираните материјали на странски служби дадени на Зоран Заев. Ова го истакна претседателот на ВМРО ДПМНЕ и премиер Никола Груевски во обраќањето на граѓанскиот собир, што владејачката партија денеска го организираше во исполнетата спортска арена „Борис Трајковски“ во Скопје.
Тој рече дека денешниот собир не е предизборен митинг, повторувајќи дека избори нема да има.
-Ова не е митинг, има време за митинзи. Нема избори нема потреба да се плашите. Но ќе има сериозен одговор. Ова е нашиот одговор на СДСМ, силата на ВМРО ДПМНЕ е во народот кој не поддржува, кој е со нас сиот изминат поериод, кој ни ги познава слабостите, не укорува за грешките, народот за кој работиме. Ние не сакаме некој преку ноќ од странство да дојде и да ни даде на тацна разни креирани сценарија без да се помачиме, не тоа кај нас не пороаѓа, туку кај другите, ние сакаме да ја заслужиме довербата. Седи си дома поврзи се со странска агентура и оп ќе дојдеш на власт, но нашиот народ не е наивен. – истакна Груевски.
Тој додаде дека народот сака сигурна иднина, а не интриги за туѓи интереси.
-Народот ги слуша но не ги одобрува. Потребни се проекти, програма. Нашиот народ бара одговори и решенија за реалниот живот. Креирани сценарија не е доволно да ги засени делата заради кои не бирате и ни давате доверба. Во тие дела проекти и реформи во нив е вистината, тоа сме ние. – рече Груевски.
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ се осврна на постигнатите економски резултати, реализираните и најавени странски инвестиции, посочувајќи дека владата зад себе има конкретни дела и проекти, кои некој сака да ги претстави како зло.
-Во услови кога сме цел на систематски напад со уцени ние работиме. Се обидуваат да не прикажат како криминалци како зло, ама зло кое гради и создава, кое работи по 15 часа на ден да ги оствари зацртаните проекти. – рече Груевски.
Премиерот додаде дека на сите им е јасно што се случува, додавајќи дека Зоран Заев одработува агенда која не ја разбира. Тој нема капацитет и програма за народот да го одбере-додаде тој. Груевски изнесе и квалификации за медиумите кои ги пренесуваат ставовите на опозцијата, изрекувајќи тврдења дека тие биле финансирани од разни фондации заради одредени интереси.
Груевски испрати порака до членовите на СДСМ и рече дека ги разбира нивните критики, а ВМРО ДПМНЕ нема да дозволи да се закрват односите помеѓу нив.
-Во името на ВМРО ДПМНЕ нема да дозволиме да не закрват и испровоцираат.-додаде Груевски.
Груевски му упати директна порака на Заев, во врска со политичките барања, како тоа за нов обвинител.
-Такви докази има против Заев што и брат му да биде обвинител ќе го фати срам, рече Груевски.
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ се осврна и на останатите барање на опозцијата, меѓу кои и тоа за формирање техничка влада, алудирајќи дека зад таквото барање се кријат други намери.
-Ние имаме јасен став и не ни треба преодна влада. Нашиот став е објавен во нашата програма. ВМРО ДПМНЕ нема да прифати промена на Уставот со цел на уставното име на Република Македонија. Нема да прифати идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот народ, идентитет, засебноста на македонската нација, јазик и култура и нема да дозволи решение за спорот наметнат од Грција без референдум на кој граѓаните кои евентуално ќе излезат и ќе го поддржат даденото решение. – истакна Груевски, додавајќои дека преодна влада е можна и остварлива, но без ВМРО ДПМНЕ.
Тој рече дека политичката криза ќе заврши со правна разрешница низ институциите и додаде дека власта е подготвена за дијалог, но без условување и уцени.
На собирот перформанс имаше актерот Тони Михајловски, кој ја критикуваше манифестацијата „Златна буба мара“ и опозицијата. Пред присутните се обрати Јохан Тарчуловски, кој истакна дека на Македонија и е потребно заедништво и слога и дека е доста од поделби и црни сценарија. Говореше и режисерот Љубиша Георгиевски, кој истакна дека на Македонија под итно и треба опозција, не која ке служи за мајтап, туку вистинска од која власта ќе трепери и со која достојно ќе се бори.
ВМРО ДПМНЕ не ја исклучи можноста слични собири да е организираат и во другите градови низ државата.
OhridNews