Тој објасни дека ВМРО-ДПМНЕ останува фокусиран на процесот за изнаоѓање на решение за спорот со името.
„ ВМРО-ДПМНЕ нема намера интересите на својот народ и држава да ги тргува за било што и за било кого, колку и да е тој поголем и посилен. Секој кој игра на картата на уцени, на блокади или на закани треба да знае дека си го губи времето. Еве три години ни вршат разни притисоци,а во последните четири, пет месеци поминавме и низ најжестоките притисоци да прифатиме работи, кои не се за прифаќање“, рече Груевски.
Тој нагласи дека доколку се јави подготвеност за решение на спорот со името, кое како што посочи нема да направи штети на никого, ВМРО-ДПМНЕ ќе распише референдум чија одлука како што рече каква и да е ќе биде спроведена.
Груевски порача дека Владата не се откажува од реформите потребни за членство во ЕУ и НАТО, но дека земјата нема да се откаже од својот идентитет.
„Ние ќе продолжиме со реформите, не за да ги задоволиме бирократите во Брисел, туку да создадеме ефикасна држава, ефикасна економија и подобар квалитет за нашите граѓани“, рече Груевски.
Тој во својот говор ги поздрави и основачите на партијата и претходниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски за влогот кој што тие го дале за ВМРО-ДПМНЕ.
Под мотото „За татковината се работи“, од трговскиот центар „Палома Бјанка“ до Собранието на Република Македонија, по целата должина на улицата „Вељко Влаховиќ“, симпатизерите и членовите го прославија 20-от роденден на партијата.
Извор:”Макфакс”