Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во својот говор пред делегатите на 15. Конгрес во Куманово најави, меѓу другото, кадровски промени во својот тим. Поднесувајќи извештај за активностите на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите четири години Груевски рече дека е задоволен од достигнувањата во овој период, но дека одвреме-навреме се потребни освежувања на функционерските места.
– Тимот што победува не се менува, но дел од играчите, кои се замориле, треба да се одморат некое време, рече Груевски.
Тој не кажа поконкретно на кого се однесува оваа најава, но кон крајот на својот речиси едночасовен говор, рече дека во последниот период имало одредени забелешки за работата на третиот ешалон, при што најави „Нов бран 2015“.
Груевски најави и финале на проектот „Скопје 2014“. Посочувајќи дека овој проект наишол на различни реакции, рече дека во наредниот период треба да се завршат уште спомен-обележјата на Мајка Тереза за што се обезбедени средства од буџетот, а има најава за споменик на децата бегалци од Граѓанската војна од Грција, кој би бил донација од невладина организација.
Говорејќи за актуелната политичка ситуација во земјава Груевски оцени дека опозицијата е дезоријентирана и, како што рече, е безидејна и дека нејзините „бомби“ ја освестиле ВМРО-ДПМНЕ.
– Бомбите ни ги збија редовите, не освести ја и не поврати ја, зошто по толку изборни успеси секогш има поединци, кои може да се одлепат од тлото. Опозицијата е слаба, но секогаш има некој појак од неа, на кого не му одговара нашиот напредок и ја користи опозицијата како параван за да и наштети на државата, рече Груевски.
Со неговото обраќање заврши отворениот дел од партискиот конгрес. Делегатите денеска попладне ќе заседаваат зад затворени врати.
Утре попладне пак ќе почне гласањето за реизбор на Груевски на лидерската позиција во партијата за која тој е единствен кандидат.
OhridNews
Извор Утрински Весник