Очекуваната нова лидерска средба ќе се одржи штом се создадат услови за неа, односно кога ќе има потреба, најави премиерот Никола Груевски.
„Има дискусија, комуникација, се водат разговори и за да се постигне некаков договор потребно е од двете страни да има согласност. Засега таква согласност од двете страни се уште нема“, рече Груевски.
Лидерите на четирите најголеми партии во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, минатиот понеделник се договорија да се сретнат до крајот на неделата, но досега лидерска средба не се одржа.
На последната лидерската средба меѓу претседателите на четирите најголеми политички партии во земјата, Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, на 29 јуни, попладнето беше договорено во скоро време да биде одржан нов состанок на кој ќе се дискутира за точната организација на владата што ќе ги подготви изборите.
На средбата премиерот Никола Груевски го претстави владиниот нацрт план за примена на препораките што се однесуваат на системски реформи во областа на владеење на правото што е потребно да се спроведат согласно шесте точки од договорот од 2-ри јуни.
OhridNews