Изборите не се добиваат со сила, закана, измами или со интриги како што се обидува Зоран Заев, напротив на тој начин се губат. Изборите се добиваат со многу работа и со дела. Ова денеска го истакна премиерот Никола Груевски прашан за коментар за вчерашните нови објавени прислушувани разговори за изборни измами.
Тој посочи дека во судска постапка ќе треба да се докаже веродостојноста на разговорите и додаде дека не би сакал да ги коментира.
– Би го коментирал обидот на Зоран Заев да претстави слика пред граѓаните дека ние речиси 500.000 гласови кои ги добивме на претходните избори во 2013 и 2011 година сме ги добиле со сила, со закани, со присила итн. Изборите и во 2011 и во 2013 беа верификувани како коректни и ефикасни од страна на сите меѓународни организации кои ги следеа, а и самото нивно раководство јавно призна дека изборите беа и фер и коректни, рече Груевски.
Тој упати порака до сите што гласале за ВМРО-ДПМНЕ да се преиспитаат дали гласале под присила или, пак, заради делата што ги прави партијата.
– Гласачите сами најдобро знаат дали некој со сила ги натерал да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ и за коалицијата „За подобра Македонија“ или, пак, гласаа заради тоа што ВМРО-ДПМНЕ спроведува политики и прави дела кои тие ги прифаќаат и веруваат дека се исправни и приоритетни. Убеден сум во второто и знам дека тие луѓе гласаа заради делата, отворените нови 120.000 работни места во овие неколку години, заради фабриките што ги носиме бидејќи со децении не беше отворена нова, заради субвенциите што ги добиваат, многу инвестиции во локални и регионални патишта и автопатишта, реконструкциите на многу болници, набавка на медицинска опрема и многу други проекти што ги направивме и во образованието, рече Груевски.
Тој нагласи дека Заев на дрзок начин се обидува да создаде фатаморгана дека ВМРО-ДПМНЕ не би ги добила овие гласови или би добила многу помалку, но со некаков притисок или со закани успеале да ги натераат гласачите да гласаат за нив.
– Ние со многу макотрпна работа, труд, пот, посветеност и многу лични откажувања со 15-часовно дневно работење, со држење и остварување на тоа што сме го ветиле на граѓаните како што тоа го правиме со години само така се добиваат избори, потенцира Груевски.
Тој нагласи дека не е случајно што во неколку изборни циклуси ВМРО-ДПМНЕ ги добила изборите, а тоа е затоа што партијата го исполнувала то што го ветила.
OhridNews