Груевски и Папандреу се состанаа утрово во Истанбул. Средбата се одржала во конструктивна атмосфера – велат за Канал 5 грчки дипломатски извори. Повеќе детали за содржината не се откриваат, но неофицијално се најавува нова средба меѓу двајцата премиери за седум дена.
Позитивни тонови денеска во Истанбул од премиерите на Македонија и Грција. Папандреу во име на двајцата најави подготвеност за што поскоро решавање на спорот, а Груевски предупреди билатералните спорови да не се наметнуваат како критериум.
Во обраќањето на Самитот на процесот за соработка во Југоисточна Европа во Истанбул Груевски изјави:
– Ако билатералните проблеми и недоразбирања се наметнуваат како критериум, тоа, верувајте ќе создаде ситуација во регионот која ќе предизвика огромни проблеми. Статус – кво ситуација кон евроатлантските интеграции не носи добро за никого.
Грчкиот премиер Јоргос Папандреу пак, најави подготвеност за што побрзо решавање на спорот во свое и во име на македонскиот колега:
– Јас и Никола преземаме иницијативи и нови напори, за да го решиме ова многу важно прашање. Секако под покровителство и со медијација на Обединетите Нации, подготвени сме што поскоро, да го најдеме потребното, заеднички прифатливо решение. Наоѓањето решение не е потребно само поради билатералните односи, туку и за да се испрати силен сигнал за целиот регион-рече Папандреу.
Зачестените средби и најавата за нов состанок веќе за една недела оставаат простор за претпоставка дека е можно приближување на ставовите.Содржината на разговорите сепак сеуште не се открива пред јавноста.
Извор: Канал 5