Премиерот Никола Груевски денеска го посети селото Пештани за да ја увиди состојбата со надојдените подземни води кои подолг период создаваат проблеми во селото.


– Нивото на подземни води полека се намалува, но се уште им создава потешкотии на граѓаните. Тука нема некое крупно решение кое што може да се изнајде во овој момент, од причини што се обидовме да ја исцпрпиме водата, конкретно вчера со цистерни тоа беше направено, но таа повторно се собира бидејќи се работи за подземни води, рече премиерот Груевски, додавајќи дека за решавање на проблемот во Пештани ќе бидат консултирани експерти и дека Владата ќе остане фокусирана на негово решавање.


Груевски истакна дека нивото на Охридското Езеро за една недела е намалено за 8 сантиметри и дека хидролошката состојба полека се стабилизира. Во врска со проблемот со колекторот на кој алармираа локалните самоуправи на Охрид и Струга, премиерот истакна дека иако тоа прашање е во ингеренции на општината, Владата ќе го разгледа за што во вторник ќе се одржи средба во Министерството за транспорт и врски со претставници на локалните самоуправи.


Претседателот на Владата кој денеска во Охрид ќе присуствува на седница на Централниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, рече дека нема да се сретне со градоначалникот Петрески, кој му замери за несериозност.

– Тој е избран за премиер, за тоа зема плата, јас сум избран за градоначалник, за тоа земам плата и ние работно мора да разговараме за актуелните проблеми и за тоа што планира да се направи во Охрид. Со тоа само кажува колку е неодговорен за функцијата што ја извршува. Не се работи за тоа дали сакаме да се гледаме или не. Јас не сакам воопшто да го видам, меѓутоа поставени сме на такви функции што мора да се гледаме, истакна Петрески, кој како што додаде, со премиерот сака да разговара за проблемите што се во надлежност на Владата, како што е изградбата на автопатото Гостивар – Охрид, патниот правец кон Св. Наум, за изградбата на „Железничка“, за нивото на Охридското Езеро и за стопанисувањето со водите на Охридското Езеро.

OhridNews
фото:Емилио