Владејачката ВМРО-ДПМНЕ на сеедница на Извршниот комитет донесе одлука уште еднаш да го повика лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски на брзи и неодложни парламентарни избори.

-Доблесно е да прифатиш. Избори ќе имаш веднаш и сега, без одлагање. Ајде на избори да видиме кој е диктатор, а кој не е, која е народна, а која ненародна власт“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, обраќајќи му се на Црвенковски.

Груевски посочи дека од условите кои вчера ги постави Црвенковски, може да ги исполни само оние за Изборниот законик и за формирање на работни групи за прочистување на избирачкиот список.

Во врска со другите две барања, за закон за рамномерна распределба  на народните пари за владини кампањи на сите медиуми, Груевски посочи дека таков закон не постои таков закон во ниту една земја, а за деблокада на сметките од случајот „пајажина“ рече дека тоа е одлука на надлежниот суд.

Доколку СДСМ не одговори на повикот, Груевски рече дека тоа значи дека се избегнуваат изборите.

СДСМ вчера на повикот од премиерот Никола Груевски за брзи и неодложни избори вратија дека се додека не бидат исполнети сите нивни услови тие ќе останат надвор од Собранието.

– Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ воопшто не се подготвени да ги прифатат условите за воспоставување на нормален политички дијалог и за враќање на СДСМ во Собранието на Република Македонија. Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ немаат намера да го прифатат исполнувањето на предусловите за одржување на слободни, фер и демократски предвремени избори,се наведува во писмената реакција на СДСМ.

Од СДСМ бараат симнување на блокадата на сметките на телевизијата А1, весниците „Време“, „Шпиц“, „Коха е Ре“, измени во Изборниот законик, прочистување на избирачкиот список, а се откажаа од барањето министерот за правда да се тргне од Судскиот совет.

OhridNews
извор: „Макфакс“