Јанкуловска, Јанакиески и Мијалков поднесоа оставки, за да придонесат за нормализација во државата и несакајќи да бидат причина за понатамошно продлабочување на кризата, вака премиерот Груевски го започна обраќањето на вонредната седница, која беше итно свикана на негова иницијатива.
– Се работи за личности кои дадоа огромен придонес во текот на својата работа. Тие останаа максимално професионални и покажаа огромен патриотизам во време на турбуленции и предизвици во земјава. Од нив можеше да се научи како се бранат интересите, како се прават реформи во МВР. Секогаш цврсто беа зад интересите на својот народ. Успешни операции се изведоа во периодот на нивното работење. Заслужуваат почит и поради нивната одлучна борба против криминалот. Беа одлучни во намерата да ги исполниме нашите ветувања. Во нив имав и ќе имам огромна доверба, рече премиерот Груевски.
За Јанакиески тој рече дека е фанатичен работник, стручен и чесен човек и министер.
– Многу ќе ни недострасува во Владата, работеше и по 15 часа на ден. Тој беше дел од најкрупните реформи во Министерството за транспорт и врски, работник и пријател. Јанакиески беше вистински стратег, министер кој остава зад себе многу дела и капитални проекти, истакна Груевски.
Предлагајќи ги Чавков и Мисајловски за нови министри, Груевски рече дека станува збор за луѓе кои во изминатиот период се длабоко навлезени во работата на министерствата и дека посветено ќе продолжат да ги спроведуваат и реализираат проектите на Владата.
– Станува збор за професионалци, без ниту една дамка, динамични и вредни. Убеден сум дека ќе дадат огромни резултати и ве повикувам да го прифатите мојот предлог, рече Премиерот пред пратениците.
Хелсиншки: Предлогот Чавков да биде нов министер за внатрешни е противуставен
Хелсиншкиот комитет предупредува дека евентуалното прифаќање на предлогот на премиерот од страна на мнозинството пратеници, актуелниот директор на Бирото за јавна безбедност и контраразузнавање да биде нов министер за внатрешни работи, би претставувало „јасно, свесно и недвосмислено“ прекршување на Уставот на Македонија, пренесува „Макфакс“.
Хелсиншкиот комитет образложува дека тоа не го дозволува членот 97 од Уставот, според којшто безбедносните органи мора да ги раковдат лица кои најмалку три години биле цивили.
„Согласно Член 97 од Уставот на РМ, со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години. Орган на државната управа во областа на полицијата е МВР, а раководното лице е министерот за внатрешни работи. Според тоа, за да биде избран за министер, Чавков морал да биде цивилно лице најрано од април 2012 година. Имајќи предвид дека сè до мај 2013 година тој бил полициски началник, произлегува дека Чавков не го исполнува условот предвиден во Член 97 од Уставот на РМ“. – се вели во соопштението на организацијата.
Чавков е актуелни директор на Бирото за јавна безбедност при МВР, а од април 2012 година до мај 2013 година работел на работното место „началник на централните полициски служби во Бирото за јавна безбедност при МВР“.
К
OhridNews
извор „Телма“/„Макфакс“