Eдна затворска и пет условни казни е епилогот од четиригодишниот судски процес „Насилство во Центар“ познат како „Шамарите за Жерновски“, соопшти денеска судијата Душко Јосифовски. Поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, доби казна затвор од година  ипол, додека второобвинетиот, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески доби условна казна.

Обвинетите Александар Трајковски, Дарко Стојчевски, Даниел Трипуновски и Игор Бошковски добија условна казна затвор која нема да се изврши доколку не сторат друго кривично дело.

Обвинителката Фатиме Фетаи по пресудата изјави дека не е задоволна од пресудите и најави дека ќе се жали затоа што смета дека освен казна затвор не треба да биде доделено ништо друго.

Сите измени во обвинението се направени врз основа на исказите и доказите кои беа презентирани во судот. СЈО и кое било друго овластувања ги завршува кога во судница ќе ги докаже обвиненијата. Нашата работа во првостепената постапка завршува тука. – вели Фетаи.

Одбраната е незадоволна од пресудата затоа што во завршните зборови бараа ослободителна пресуда.

Мојот клиент не е виновен, не ги сторил дејствијата кои му се ставаат на товар и тоа значи дека најверојатно ќе пишуваме жалбa. –  вели адвокатот на Јанакиески Еленко Миланов.

Ме судат за шамари кои не се случиле, изјави вчера во Основниот суд Скопје 1, обвинетиот Јанакиески.

Ниту сум давал насоки, ниту пак сум поттикнувал. Нема докази дека јас ги координирам луѓето пред општината. Не знам како тоа сум го правел, со волшебно стапче или холограм. – изјави Јанакиевски во завршните зборови вчера и порача дека Обвинителството не докажало дека ги извршил кривичните дела.

Во неколку телефонски разговори Јанакиески преку членови од партијата организирал група и дал насоки како насилно да се наруши одржувањето на седницата, се вели во обвинението. Тие се товарат за поттикнување и организирање на насилните протести пред просториите на Општината летото во 2013 година кои, според обвинителството, биле организирани со образложение дека се против наводно запирање на изградбата на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица „Македонија“, а всушност причината била да се спречи седница на Советот на Општина Центар на која требало да се променат деталните урбанистички планови, меѓу кои и оној за „Мал ринг“.

Во тој период локалната власт во Центар ја имаа СДСМ и коалицијата, со Андреј Жерновски како градоначалник, додека извршната власт и Градот Скопје беа во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.

OhridNews
Извор: Радио Слободно Европа