Премиерот Никола Груевски деновиве ќе допатува во Охрид, дознава OhridNews. Неофицијално во политичките кругови во Охрид денеска кружеше информација дека  посетата на Груевски на Охрид ќе се случи веќе утре, но извори од ВМРО ДПМНЕ ги демантираат таквите најави. Од владејачката партија ни потврдија дека премиерот планира деновиве да го посети Охрид, но се уште не се утврдени датумот и агендата на посетата.

Најавата за посета на претседателот на Владата на Охрид, доаѓа непосредно по алармантните изјави на претставниците на општините Охрид и Струга и одговорните лица во МЈП „Проаква“ за опасноста која му се заканува на Охридското Езеро поради преоптовареност на колекторскиот систем, кој не може да ги прифати отпадните води кои директно се вливаат во езерото и во реката Црн Дрим.

Поради тоа општините побараа итна средба со претставници на Владата, која според најавите ќе се случи во вторник во Министерството за транспорт и врски. Засега не е познато дали доколку дојде до реализација на најавената посета, истата премиерот ќе ја искористи за средба со градоначалниците на Охрид и Струга кои се пожалија дека државата ги игнорира нивните апели за помош за решавање на проблемот со Колекторскиот систем.

OhridNews