Македонскиот премиер Никола Груевски кој престојува во дводневна посета на Брисел, денеска треба да се сретне со претседателот на Советот на ЕУ Херман Ван Ромпуј, со претседателот на Европскиот парламент Јиржи Бузек и со еврокомесарот за проширување Штефан Филе. Шефот на македонската Влада утре ќе учествува на состанокот на лидерите на Европските народни партии, а ќе се сретне и со грчкиот премиер Јоргос Папандреу.

Тет-а-тет средбата со Папандреу што ќе се одржи на маргините од Самитот на ЕУ, како што информира владината прес-служба, е во насока на подобрување на односите меѓу двете земји, и е дел од напорите во функција на процесот кој се води под покровителство на ОН за изнаоѓање на заемно прифатливо решение за името.

Тоа ќе биде трета директна средба на двајцата премиери. Претходните две, на 29 октомври во Брисел и на 27 ноември во грчкиот дел на Преспа, не донесоа прогрес во разговорите.
За утрешната средба во Брисел, Груевски изјави дека е неблагодарно однапред да се прогнозира каков било исход.

– Се работи за многу тежок и сериозен, долгогодишен проблем. Доколку гледаме од идентитетски аспект, проблемот е многу подолг од дводецениски така што би било добро да не се прогнозира, да се остави средбата да заврши, па да видиме како ќе се одвиваат работите, рече во неделата во Охрид, македонскиот премиер.

Ден претходно, во Брод кај Крањ, Геруевски истакна дека Македонија е заинтересира за решавање на спорот за името со Грција со кој ќе се деблокира процесот на евроинтеграција на земјата, но тоа решение треба да биде прифатливо за двата народа.

– Ние сме држава која што има интерес да најде решение за овој проблем, можеби и многу повеќе отколку Грција, затоа што Грција е внатре во ЕУ и на НАТО, а ние не сме. Ние сме блокирани, така што не само заради добрососедските односи, туку и заради блокадата ние би сакаме да најдеме решение, да го деблокираме процесот. Се разбира тоа решение не треба да создаде нови крупни проблеми кои што може да ја влошат севкупната атмосфера, треба да биде  на некој начин прифатено од двата народа, рече Груевски по завршувањето на регионалната конференција за Западен Балкан.

Во пресрет на новата средба Груевски – Папандреу, од Атина се огласи заменик шефот на грчката дипломатија Димитрис Друцас. Според него, директните контакти меѓу двете страни можат да го помогнат процесот што се води под покровителство на ОН.

– Грчката Влада има политичка волја за затворање на прашањето. Нашата позиција и „националната црвена линија“ се добро познати. Очекуваме политичкото раководство на ПЈРМ да го смени својот пристап, да настапи конструктивно на преговарачката маса во ОН и ако постои политичка волја проблемот наскоро може да се реши, изјави Друцас. Тој првапат отворено посочи и дека „Република Северна Македонија“ е име што ги задоволува грчките барања.

OhridNews
Извор:” МИА”