Премиерот бара претседателот на државата да објасни кои му биле мотивите за аболиција на струмичкиот градоначалник. „Не може луѓето од ВМРО ДПМНЕ и од другите политички партии кои се огрешиле пред законот да се апсат, а кога се покренува постапка против член на СДСМ тој да се аболира“, рече Груевски. Ние имаме поднесено обвинителни акти за луѓе кои по многу основи ни се блиски – против претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, член на Централен комитет на партијата, претседател на Совет во една од општините во кои на власт е ВМРО-ДПМНЕ, градоначалник. По расколот во ВМРО-ДПМНЕ во 2004 некои од луѓето застанаа на моја страна и сега затоа што се втурнати или се обвинети дека се вмешани во криминал јас не застанав зад нив и дозволив тие да бидат притворани и да се покренуват судски постапки. Јас од поддржувачи и пријатели си создадов непријатели, а господинот Црвенковски неговите соработници ги амнестира. Каде е тука правдата рече Груевски.
Според Груевски случајот со аболицијата на градоначалникот Заев и неговите соработници наместо судска разврска нeосновано добил политичка димензија што може да влијае на имиџот на земјата пред меѓународната заедница. Груевски посочи дека во Европа ова е прв пат да биде аболиран некој кој е осомничен за финансиски криминал. И покрај забелешките премиерот ја исклучи можноста Собранието да расправа за импичмент на Црвенковски. „Ние г-нот Црвенковски сакаме да го победиме на избори, а доколку тој се реши да не излезе на избори тоа ќе значи пораз на неговата политика“, рече Груевски.
Премиерот во придружба на министерката за култура Елизабета Камческа Милеска и директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, го посети археолошкиот локалитет Мичов град каде во тек е реконструкцијата на наколната населба од бронзеното време и на римската тврдина.