Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на 14- тиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ под мотото „Вистината секогаш победува“, што се одржува во Битола, ги повика присутните 650 делегати да останат постојани и доследни на она што го кажале. Како што рече, тоа е клучот на успехот. Потсетувајќи се на изминатите четири години, Груевски истакна дека од локалните избори во 2005 година имале пет победи една по друга.

„Победивме на парламентарните избори во 2008 година, На локалните и претседателските во 2009 година. Од локалните избори во 2005 година имавме пет победи една по друга, а ако утре имаме избори, јасно е дека ќе ја имаме и шестата победа. Победи чисти како солза. А во нашата петта година власт ние бараме предвремени избори, а СДСМ се бори да ги нема. Тоа кажува многу работи“, рече Груевски.

Тој уште еднаш го повика опозициониот лидер Бранко Црвенковски на избори. „Бранко ајде на избори веднаш. Народот ќе одлучи дали сака реформска влада, или те сака тебе со твојот учинок во транзицијата“, рече Груевски.  Тој посочи дека партијата има уште многу работа, а дека нивното мото е „Турбо од првиот ден, пресинг од 90 минути, обединети кон целта“.

На свеченото отварање на конгресот се обрати и најстариот политичар од коалицијата „За подобра Македонија“, претседателот на Социјалистичката партија Љубисав Иванов- Ѕинго.  „Ова е коалиција која што нижела победи и во иднина ќе ниже, ВМРО-ДПМНЕ го има најмладиот, најдобриот и најперспективниот лидер, а ние го имаме најдобриот партнер кој што создаде силна коалиција“, рече Ѕинго.

Утре напладне предвидено е да се изврши изборот на претседател на партијата, по што ќе следи негово обраќање.

Претходниот конгрес ВМРО-ДПМНЕ го одржа во Штип во 2007 година под мотото „Обединети кон целта“.

Груевски за лидер беше избран на Конгресот во Охрид во 2003 година, а противкандидат му беше Марјан Ѓорчев. На тој конгрес по 13 години од лидерската позиција на партијата се повлече Љубчо Георгиевски.

OhridNews