Коалицијата на радикалната грчка левица Сириза е најголемиот фаворит на грчките предвремени парламентарни избори кои се одржуваат денес, бидејќи, судејќи според истражувањата на јавното мнение, Грците најверојатно се подготвени да ризикуваат со промените, но аналитичарите предупредуваат дека таквиот избор би можел да предизвика несигурност, па дури и неликвидност на државата.
Грците излегуваат на предвремените избори за иднината на земјата, изјави премиерот на заминување Антонис Самрас, на собирот на неговите приврзаници на спортскиот стадион во Каламати, неговиот роден град на Пелопонез. Самарас, кој ја води конзервативната Нова демократија беше под голем притисок последните денови од кампањата дека мора да го победи 40-годишниот Алексис Ципрас, водачот на Сириза, бидејќи според последните анкети, левата коалиција води со предност меѓу 6,5 и 10 отсто. Сепак, Самарас изјави оти се надева на победа сметајќи дека во последен момент 14-те отсто од неодлучени во анкетите ќе го дадата својот глас за продолжување на неговите политики.
Освен Сириза којашто води во анкетите со 35 отсто и Нова демократија чиј рејтинг најмногу се искачува до 29 отсто, шанси за влез во парламентот имаат и од неодамна основаната партија То Потами (Реката), којашто ја води телевизискиот новинар Ставрос Теодоракис, а е прифатлива и за десните и за левите избирачи разочарани од традиционалните партии, и е трета во анкетите со 5,4 отсто од гласовите.
Следи со 5,3 отсто неонацистичката Златна зора, чиј симбол е сличен на нацистичката свастика, а раководството ја водеше кампањата од затвор. Сите други партии, инаку, одбиваат секаква соработка по изборите со неа. На мајските избори за Европскиот парламент таа изненади освојувајќи 9,4 отсто од гласовите.
Некогаш големата партија во грчката политика, социјалистичкиот Пасок, кој е малцински партнер во владата на Самарас, падна на 5,2 отсто поддршка, и тоа во последните денови од кампањата, додека претходно се движеше околу 3 процента. Пред шест години оваа партија на изборите освои 44 отсто. Нејзиниот лидер Евангелос Венизелос беше еден од клучните преговарачи со меѓународните кредитори.
Бидејќи изборниот праг во Грција изнесува 3 отсто, анкетите има даваат надеж за влез во парламентот и на комунистите кои одбиваат секаква соработка со Сириза, Движењето на демократските социјалисти, новоформираната партија на поранешниот премиер Јоргос Папандреу кој излезе од Пасок, и популистичката партија Независни Грци.
Сириза според некои прогнози , би освоила 36 отсто од гласовите, на работ од целосна победа. Победничката партија добива бонус од 50 мандат во 300-члениот парламент, за да се осигури постабилно владеење и формирање влада. Бројката гласови неопходни за апсолутна победа зависи од делот на гласовите којшто ќе го добијат партиите кои нема да го минат изборниот праг.
OhridNews
извор Макфакс