Грчките туристи ќе го бојкотираат Охрид за претстојните велигденски и првомајски празници, најави хотелската асоцијација на Македонија – ХОТАМ. Од таму велат дека по самитот на НАТО во Букурешт каде Македонија поради проблемот со Грција не доби покана за членство во НАТО, голем број грчки туристи ги откажуваат аранжманите за Охрид. Од ХОТАМ како што пренесоа дел од националните медиуми, тврдат дека на грчката граница се делат пропагандни материјали во кои наводно се препорачува да не се патува во Македонија бидејќи таа била небезбедна.


На грчкиот бојкот на Охрид македонските граѓани одговараат со бојкот на аранжманите во Грција. Од асоцијацијата на туристички агенции информираат дека дури 90 % од веќе склучените аранжмани за Грција се откажани. Покрај ова се посилни се и повиците на повеќе граѓански здруженија и асоцијации за бојкот на грчките производи. Таква акција според најавитеќе се оддржи во сабота во Охрид.