Поранешниот потпретседател на Европската централна банка, Лукас Пападимос ќе биде нов премиер на Грција, пренесува МИА повикувајќи се на грчките медиуми. 

Како можни кандидати за оваа функција беа спомнувани и европскиот омбудсман Никифорос Дијамандурос, поранешен шеф на грчката дипломатија Петрос Моливијатис, поранешниот министер за животна средина Ставрос Димас, како и актуелниот миниистер за финансии Евангелос Венизелос.

Во интервју за приватната телевизија „Антена“ Михелакис изјавил дека во новата влада ќе влезат партиски политичари, исклучувајќи ја можноста владата да биде составена целосно од технократи.

Во неформални разговори со новинарите претставници на Нова демократија изјавиле дека „црвената линија“ за партијата и натаму останува прашањето за рокот за спроведување на предвремените парламентарни избори, кои првично беа утврдени за 19 февруари. Тие подвлекуваат дека за ова прашање партијата не планира да прави никакви отстапки.

Претставници на конзерватвците посочуваат дека во периодот на дејствување на преодната влада на национално единство, тие нема да дадат согласност за никакви нови строги мерки за штедење. Според нив, мерките за затегнување на ремените за 2011-2012 година веќе се одобрени од парламентот, а мерките за 2013-2014 година ќе се разгледаат во текот на јуни од другата влада, што ќе се формира по парламентарните избори во февруари.

Еврозоната синоќа бара од социјалистите и конзервативците во Грција, кои ќе ја формираат новата коалициска влада, писмено да се обврзат дека ќе ги исполнат ветувањата за намалување на буџетските трошоци и за реформи, пред на земјата да и бидат доделени нови позајмици.

OhridNews