Грција пропадна подлабоко во финансиска бездна откако на полноќ истече 5-годишната програма за финансиска помош и земјата не успеа да го врати долгот спрема Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Со невратениот долг од милијарда и 600 милиони евра, Грција стана прва развиена земја која не успеала да и се раздолжи на оваа институција. Последна земја на која и се случило вакво нешто беше Зимбабве во 2001 година. Откако Грција ги направи последните напори за продолжување на финансиската помош, министрите за финансии на еврозоната решија дека нема начин за постигнување договор пред истекувањето на рокот. Би било лудо да се продолжи програмата, изјави холандскиот министер Јероен Дијселблом, кој е на чело на телото на министрите за финансии на еврозоната.
Портпаролот на ММФ Гери Рајс изјави дека Грција од сега ќе може да добива кредити од Фондот само откако ќе ги расчисти своите обврски. Грција годинава во касата на ММФ треба да уплати вкупно 5,4 милијарди евра, од вкупниот долг од околу 21 милијарда евра. Следната рата од 284 милиони евра треба да биде уплатена на 1 август. Грчкиот вицепремиер Јанис Драгасакис синоќа изјави дека Атина побарала од Меѓународниот монетарен фонд одложување на исплатата на долгот до ноември годинава. Рајс потврди дека Грција во последен момент побарала одлагање на плаќањето и додаде дека ММФ почнал да ја разгледува таа молба.
OhridNews