Дека Грција повторно тврдо заигра покажа и последната средба на преговарачот Адамантиос Василакис со медијаторот Метју Нимиц, кому му било пренесено дека Македонија е таа која што ќе мора да попушти доколку сака да влезе во НАТО и ЕУ.
Грција инсистира евентуалното решение за името со географска одредница да биде со објаснување пред зборот Македонија, и за севкупна употреба. Тоа значи и промена на идентитетот и документите за лична идентификација.
Со Нимиц синоќа во Њјорк се сретна и македонскиот преговарач Зоран Јолески. Тој истакнал дека македонската страна останува активно, конструктивно и интензивно ангажирана во разговорите за решавање на прашањето. Македонија очекува Грција да ја почитува билатералната Привремена спогодба од 1995 година и да не ја попречува нејзината интеграција во евро и евроатланстките структури, укажал Јолевски.