Десетчленото семејство Демо кое живее во руинирана барака без електрична енергија на улицата „Кленоец“, треба што поскоро да ја напушти истата не само поради законски причини, бидејќи не поседува соодветна документација за користење на истата и не плаќа соодветен надомест, туку  пред се од безбедносни причини,  истакна директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор Цветко Грозданов на прес конференцијата што се одржа денеска во подрачната единица на државното претпријатие во Охрид.

Тој уште еднаш го повтори ставот на институцијата дека семејството Демо е диво вселено во бараката во која нема услови за нормален живот, како и дека тоа не ги исполнува условите наследно да добие станарско право бидејќи не поседува соодветни документи за тоа, ниту пак ги исполнува условите за добивање право на стан согласно законот за решавање на статусот на диво вселени смејства донесен во 2006г., бидејќи тоа се вселило во бараката на улицата „Кленоец“ по донесување на овој правен акт. Сепак, рече Грозданов, претпријатието нема да го исели семејството во дадениот рок со цел да им се остави простор на институциите да помогнат да се реши проблемот.

-Во ред е да се актуелизира проблемот за да му се помогне на семејството, но треба да се изнајде вистинскиот начин. Ние како АД не можеме тоа да го изнајдеме, за тоа постои комисија при Влада задолжена за решавање на станбените прашања и постои Министерството за транспорт и врски кои согласно закон ги доделуваат становите на социјално ранливите категории. Ние како АД единствено што може да направиме е по доделувањето на решенија од страна на овие два правни субјекти, да склучиме договор за користење со нив, со што тие се обврзуваат да плаќаат симбилична закупнина, а ние за тоа сме должни да им ги одржуваме становите во исправна состојба. Јас жалам што десетчлено семејство треба се исели, но ние нема да ги иселиме за 8 дена, што е законски рок. Многу такви решенија сме пуштиле, но не сме ги извршиле од човечки и морални причини. – рече Грозданов.

Тој предупреди дека објектот во кој сега живее семејството Демо, е во многу лоша состојба и постои опасност да се урне, што било констатирано со  записник од теренска контрола.

-Јас како генерален директор, ниту раководителот на подрачната единица во Охрид не можеме да преземеме врз себе одговорност ако утре ни се случи нешто. ЕВН ја исклучи струјата и нема да ја вклучи повторно од превентивни причини за да не настане некаков проблем бидејќи условите се субстандардни, но може утре да падне и поголема количина на снег па да се сруши покривот и некој да настрада и не можеме врз себе да преземеме таква одговорност.-истакна Грозданов.

Тој рече дека доколку семејството Демо се уште не може да се снајде и да ја напушти руинираната барака треба да потпише изјава кај нотар дека одговорноста паѓа на нив и дека им треба дополнителен рок од месец, два или повеќе за да најдат покрив над глава, тој ќе го прифати тоа.

Грозданов смета дека родителите на осумте деца треба да се потрудат со средствата што ги добиваат од државата како социјална помош во висина од 6700 денари да се обидат да најдат покрив над глава, а институциите и невладините организации да му помогнат на семејството Демо за храна и другите основни потреби.

-И ние како граѓани, невладините организации како лајанс ккубовите и ротари клубот од Охрид и Црвениот крст кои сведоци сме дека несебично помагаат, па и владини институции би помогнале ова семејство да не остане незгрижено и да може да ги прехрани децата, но не можам да дозволам да дојде до несакани последици затоа што не сме презеле соодветни мерки.-изјави Грозданов.

Од подрачната единица на АД за стопанисување со станбен и деловен простор информираа дека потради тоа што семејството Демо не поседува соодветни документи, Центарот за социјална работа од Охрид ќе се вклучи во случајот и ќе помогне во комплетирање на потребната документација која треба да се достави до надлежните институции кои одлучуваат за решавање на станбено прашање.

-Институциите треба да се погрижат во Охрид сите граѓани да имаат покрив над глава, охриѓани. Можеби ќе биде потребно носење на одреден закон со кој ќе го ограничиме правото  на жителство во Охрид, ама за нашите жители треба да се грижиме како за наши сограѓани, комшии и пријатели, сите да имаат покрив над глава.-рече Грозданов.

Инаку социјалните бараки на улицата „Кленоец“ не се вклопени во Деталниот урбанистички план на општина Охрид, поради што истите не можат да се одржуваат од страна на АД за стопанисување со станбен и деловен простор.

Според најавите на овој простор во иднина ќе се гради станбено деловен комплекс.

Г.М.

Охридско семејство со осум деца ќе остане на улица