Не смееме да дозволиме поради административни причини да ги изгубиме веќе одобрените средства за заокружување на проектот, изјави на прес конференција денеска, пратеникот Грозданов. Тој го прозва градоначалникот Петрески дека ја опструира реализацијата на овој проект која како што напомена е од јавен интерес. „Ова фудбалско игралиште не се гради за никоја личност, туку за граѓаните на Лескоец“, рече Грозданов.
Според Грозданов не држат оправдувањата на локалната самоуправа дека има спорни локации на земјиштето на кое треба да се гради игралиштето. Спорните три локации на кои се повикува локалната самоуправа се сопственост на државата која е подготвена веднаш да и ги отстапи на локалната самоуправа која само треба да го побара тоа, рече Грозданов. Според него не држат ниту оправдувањата дека за дел од земјиштето се води процес за денационализација, при што презентираше документи, од кои како што рече, се гледа дека земјиштето е експроприрано, а сопствениците се обештетени.
За Грозданов нејасни биле и оправдувањата дека постојат одредени катастарски проблеми поради новите авионски мерења и најави дека доколку тоа е така ќе побара одговорност од раководителот на општинскиот Катастар.
Грозданов изрази надеж дека ќе се надминат пречките и дека фудбалското игралиште ќе се изгради во Лескоец. Тој најави дека во рамки на проектот на Агенцијата за млади и спорт за изградба на спортски објекти, во Охрид треба да се изгради уште едно фудбалско игралиште во Воска, но дека со ДУП на тоа место е предвидена изградба на друг објект.