„Тоа е мое лично убедување, јас сум убеден дека станува збор за убиство, а тоа го темелам врз нови информации, за кои сè уште не можам да зборувам. Ова мое лично тврдење се темели и врз познавањето на неверојатните противречности кои логично водат до хипотезата за убиство“, вели Андреас Грос, кој во изјавата за Дојче Веле најавува дека наскоро ќе ја посети Македонија кога ќе биде дефиниран и начинот како ќе бидат пренесени овие информации во јавноста.
Грос вели дека контекстот му наложил да проговори за смртта на Трајковски.
„Во друг контекст немаше да го изнесам ова тврдење, но тука се почувствував обврзан, бидејќи тоа може да предизвика сосема непожелен развој, иако знам дека не е добро да се каже тоа без да се изнесат веднаш доказите. Доказите не се во моите раце, јас не сум раководителот на истрагата, јас сум само мал помошник во неа. Тие кои што ме познаваат знаат дека не зборувам напразно.“, вели Грос.
Андреас Грос го најавува и својот втор извештај поврзан со загинувањето на претседателот Трајковски. Неговиот мандат е до јуни годинава и најавува дека, доколку не успее да ги собере сите потребни докази, ќе побара негово продолжување.