Седумнаесет луѓе загинаа во индиската држава Бихар од удари на громови во ноќта меѓу вторникот и средата, а уште десетина претрпеле сериозни изгореници, јави новинската агенција ИАНС, повикувајќи се на официјални извори, пренесува „Макфакс“.

„Десет мажи, четири жени и три деца загинаа од удар на громови. Покрај тоа, повеќе од десет луѓе добиле сериозни повреди и изгореници во други слични случаи“, соопштија локалните власти во сојузната држава Бихар.  

Бројката смртни случаи во оваа држава во североисточниот дел на Индија е една од најголемите во земјата. Минатиот месец од удари на громови во Бихар загинаа повеќе од 20 лица.

Властите соопштија дека ќе обезбедат финансиска помош за жртвите и семејствата на загинатите, во вредност од  две илјади долари.

Во државата Бихар, за време на дождливата сезона која трае од јуни до септември, многу се чести смртните случаи од удари на громови и од изгореници добиени од електрични празнења во атмосферата. Годинава бројката е драстично зголемена, јавуваат индиските медиуми.

OhridNews
извор: „Макфакс“