Актерите од велешкиот народен театар „Џинот“ до солзи ја насмеаа охридската публика која ги награди со долготраен аплауз за одличната претстава  „Ноќите во бел сатен“, која синоќа беше изведена во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Текстот исполнет со креативен хумор и силни пораки за универзалните човечки вредности (маани) го напиша Братислав Димитров, а режијата е на Ненад Витанов. Улогите ги толкуваат Јордан Витанов, Зоран Љутков, Васил Зафирчев и Маја Љутков кои на извонреден начин го изнесоа делото пред охридската публика.

Претставата на Велешкиот театар, засега е единствена оваа есен во Охрид. И покрај најавите новата сезона на Народниот театар од Охрид се’ уште не е започната. Две закажани претстави беа одложени поради, како што беше официјално објаснето, технички проблеми. Подетални информации за проблемите поради кои есенва нема претстави на репертоарот на Охридскиот театар не се соопштуваат.

OhridNews