Дебарско-струшкиот регион синоќа три и пол часа остана без напојување со електрична енергија. Причина е гром кој ја погодил главната трафостаница во Хидроелектраната “Шпиље” кај Дебар.

Главната трафостаница во ХЕ “Шпиље” погодена беше од гром-електрично празнење, при силно невреме. Екипите веднаш излегоа на терен и со максимално залагање големиот дефект беше саниран. Дебарско-струшкиот регион остана без струја од 19:50 до 23:20 часот, потврдија за МИА од ЦУК.

Во Дебарскиот регион без струја беа општините Дебар, Центар Жупа и подрачјето на Река, општина Маврово и Ростуше.

Подрачјето кусо беше зафатено од невреме проследено со обилен дожд, електрични празнење и грмежи.

Поради обилниот дожд има појава и на одрони на патните правци од Дебар кон Маврово и кон Струга поради што надлежните препорачуваат внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација.

OhridNews