Ракометарите на ГРК Охрид викендов во рамки на десеттото коло на Супер лигата го пречекуваат тимот на Алкалоид. Во претсрет на дуелот со четата на Кире Лазаров, од клубот велат подготвуваат „лек“ за продолжување на победничката серија.
Левиот бек, Даниел Андоновски со оптимизам за продолжување на серијата победи.
Во серија сме од четири натпревари, во кои освоивме максимален број бодови. Овој викенд го дочекуваме Алкалоид, млада екипа која игра многу динамичен ракомет. Иако имаме проблем со замор и повреди, се надевам дека до натпреварот целосно ќе се подготвиме и со борба за секоја топка ќе ја продолжиме серијата победи, па ќе ја израдуваме и охридската публика. Со триумф ќе бидеме во позиција за пренесување на бодови во пролетниот дел од првенството, кажа Андоновски.
Натпреварот се игра во недела од 16 часот во салата „Билјанини Извори“. На табелата Охрид е третопласиран со 18 бодови, додека Алкалоид е втор со 24 бодови.
Ohridnews